Рекламирањето на нашите портали најчесто го нарачуваат компании, маркетинг агенции и други институции, a конкретната нарачка за предизборното политичко рекламирање беше направена од страна на агенцијата „Глобал нет“ ДООЕЛ, реагираат од групацијата портали biznisvesti.mk, lady.mk, gradina.mk и ekran.mk, на текстот објавен денеска на САКАМДАКАЖАМ.МК „Обвинителството за организиран криминал влезе во три фирми на чии портали се рекламирала ВМРО-ДПМНЕ за изборите“.
Оттаму појаснуваат дека нарачаната сума била и се реализирала во износ од 400 евра по сајт и доколку е потребно, спремни се фактурите да ги дадат на увид на јавноста.
Од групацијата демантираат дека нивните портали се формирани непосредно пред изборите, туку дека „станува збор за професионални тематски сајтови со долгогодишно искуство, формирани уште во далечната 2011 година, со уредно и транспарентно објавени ценовници, импресум и контакти“.
„Не дозволуваме нашите портали да се доведуваат во било каква корелација со било каков политички субјект и евентуална злоупотреба на државни средства. Нашата мисија е да генерираме содржини во интерес на јавноста и да ги реализираме рекламните нарачки на нашите коминтенти“, велат од групацијата.