Не можам да не го сокријам моето разочарување, не очекував банките да бидат алтруисти, но ни дека ќе се најдеме во ваква ситуација, одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање дали е во ред преку буџетот да се субвенционираат каматните стапки за унгарските пари кои преку банките ќе се дадат за помош на бизнис компаниите.
„Не можам да не го сокријам моето разочарување, очекував сите заедно да работиме во интерес на државата и граѓаните и секој да понесе дел од одговорноста. Не очекувам некој да биде алтруист, далеку од тоа. Но, треба да се подготвиме да го помогнеме бизнисот. Бизнис околината да биде што поздрава и како Влада ќе сториме сè да ја направиме поконкурентна нашата економија, да го зголемиме вложувањето во инвестиции”, рече Мицкоски.
Тој додаде дека сè уште не се завршени преговорите, па очекува да се доближат ставовите со банките. Очекувањата на Владата се тие 250 милиони евра од унгарскиот заем наменети за развој на бизнис секторот да им се дадат на фирми со 3,25 проценти каматна стапка, три години грејс период и дополнителни 12 години рок на отплата или вкупно 15 години.
„Факт е дека и банките сносат ризик, но и државата и граѓаните сносат ризик. Мораме заедно да го поделиме тој ризик за развој на економијата”, рече Мицкоски.
Македонија се задолжи за 500 милиони евра од Унгарија. Половина од пари се за инфраструктурни проекти на општините, а половина ќе одат како кредити за фирми.
Ж. ЗДРАВКОВСКА