Лицата со посебни потреби од граѓанската иницијатива 5 до 12 утре повторно ќе постават камп во паркот Жена Борец спроти Собрание, како и минатиот месец на 20-ти, за да бидат слушнати и видени од политичарите, кои треба да направат законски измени за да им се олесни животот на овие граѓани.
„Тука сме да ги повториме и потврдиме ставовите изнесени минатиот месец, кога заедно со нашите деца кампувавме за да бидеме видени, за конечно да бидеме слушнати. И овој месец продолжуваме со мисијата која ја почнавме, и не отстапуваме се до исполнувањето на нашите барања. Овој викенд повторно ќе бидеме со шатори пред Собранието, но во многу поголем број, со целодневна агенда и активности и работилници за децата со посебни потреби“, велат од Граѓанската иницијатива 5 до 12.
Тие минатиот месец кога кампуваа пред Собрание за пет дена собраа над 30.000 потписи за поддршка на нивната иницијатива за промена на повеќе закони и подзаконски акти, со кои ќе им се олесни животот на лицата со посебни потреби. Меѓу барањата едно од најважните за нив е да се избрише старосната граница од 26 години во законите за здравствено осигурување и социјална заштита, со која овие лица се дискриминирани, односно по навршување на 26 години немаат право на бесплатни лекови и на посебен паричен додаток.
„Кон нашата иницијатива се приклучија повеќе од 30 Здруженија на граѓани и неформални групи од цела Македонија, кои претставуваат и застапуваат сериозни бројки на членови од различни категории на попреченост, хендикеп или посебни потреби. Барањата во моментов се ревидираат и се припремаат во форма на законски и подзаконски акти, и ќе бидат доставени до Собранието и новата Влада“, велат од иницијативата 5 до 12.