НЕ СЕ ОБИДОВМЕ ДА ГО БЛОКИРАМЕ ВЛЕЗОТ НА „ДИАВЕРУМ“, САМО ПРЕДУПРЕДИВМЕ ЗА МОЖНА КРИМИНАЛНА ТРАНСАКЦИЈА НА КУМОТ НА ГРУЕВСКИ, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО ДОНЧЕВ

    НЕ СЕ ОБИДОВМЕ ДА ГО БЛОКИРАМЕ ВЛЕЗОТ НА „ДИАВЕРУМ“, САМО ПРЕДУПРЕДИВМЕ ЗА МОЖНА КРИМИНАЛНА ТРАНСАКЦИЈА НА КУМОТ НА ГРУЕВСКИ, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО ДОНЧЕВПрес-конференција на Ден Дончев следува откако вчера поранешната сопственичка на „Диамед“ Вера Иванова поднесе кривична пријава за Дончев и министерот за здравство Венко Филипче, дека влијаеле на шведската компанија да не влегува во трансакцијата и ѝ нанеле финансиска штета. (Фото: СДК.МК)

    Немало никаков обид државата да блокира влез на шведската компанија „Диаверум“ во Македонија, бидејќи Централниот регистар ја регистрираше трансакцијата меѓу „Диаверум“ и „Диамед“. Нашето укажување до Амбасадата на Шведска беше дека е можна истрага за потенцијално претходно нелегална трансакција на сопственоста, рече директорот на Фондот за здравство Ден Дончев на прес-конференција во Владата.

    Шведската компанија лани ја откупи фирмата „Диамед“, која од претходната Влада доби концесија за управување со центрите за дијализа.

    Тој излезе да даде објаснување откако вчера поранешната сопственичка на „Диамед“ Вера Иванова поднесе кривична пријава за Дончев и министерот за здравство Венко Филипче, дека влијаеле на шведската компанија да не влегува во трансакцијата и ѝ нанеле финансиска штета.

    Дончев рече дека уште лани во јануари до Шведската амбасада испратиле укажување дека планираат истрага околу доделување на концесијата за центрите за дијализа, кои државата ги дала на 20 години и дека ако предвреме го раскине договорот треба да плати 28 милиони евра оштета.

    „Министерството за здравство договорот го склучил во 2013 година за 90 евра по дијализен третман, а цената е 25 евра по третман, и 70 евра по третман е профит. Притоа ја наследиле опремата и пациентите. Ваков договор за концесија е склучен со ‘Систина’ и со ‘Диамед’, притоа и двете се со минимално искуство во дијализа, а месечниот надомест што го добива Министерството за здравство е 7.500 денари или 125 евра. ‘Диамед’ ги доби повеќето центри и од февруари 2014 година до декември 2018 година има заработка од 42,5 милиони евра“, рече Дончев.

    Тој објасни дека во тој период со центрите за дијализа раководел Ристо Новачевски.

    „Тој е кум на поранешниот премиер Никола Груевски и брат на неговата секретарка. Уште во ноември 2017 година почнавме со истрага заедно со Министерството за здравство, при што утврдивме дека за овој период на Новачевски му се исплатени над 10 милиони евра, 17 милиони евра како надоместоци и 12 милиони евра од банкомати. И за овие сомнежи дали имало судир а интереси при доделување на концесијата, и дали зад Вера Иванова стојат други сопственици ја предупредивме амбасадата“, рече Дончев.

    Тој кажа дека до април 2016 година 50 отсто од сопственоста на „Диамед“ е на Вера Иванова, а останатите на фирмата „Метромет“ ДОО.

    „Зад оваа фирма стои некој Оливер Тодоров. Во април 2016 година Иванова 25 отсто од уделот го продава на ‘Смартхолдинг Дубаи’, каде сопственик е ‘Генерал Солушнс Панама’, за која уште не се знае кој е газдата и ја имаше во ‘Панама пејперс’. Во август лани, ‘Метромет’ го продава својот удел на Иванова, која е 75 отсто сопственик. Ја предупредивме и амбасадата и фирмата дека се можни сомнителни трансакции и дека има истрага, но во меѓувреме ‘Диаверум’ ја купува ‘Диамед’ за 12 милиони евра. Притоа исплатени се пари и во македонски банки и во банки во Монако. Истиот ден кога се исплатени парите Новачевски отвора своја сметка во Монако. Основното јавно обвинителство во октомври почнува истрага и ги замрзнува парите од купопродажбата од кои 2,5 милиони во Македонија и 9 милиони во Монако“, рече Дончев.

    Тој кажа дека во нормални околности државата не се меша во трансакциите меѓу две компании, но дека во случајов предупредиле за можна криминална трансакција.

    Тој кажа дека до завршување на истрагата во ОЈО центрите за дијализа ќе работат по постоечката концесија.

    „Услугите што се пружаат се од витално значење по здравјето на пациентите и важно е да нема прекин на терапијата“, рече Дончев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира