Нема да има итни интервенции во сегашниот распоред на судии, потпишан од екс в.д. претседател Стојанче Рибарев, во Основен суд Скопје 1, освен ако новиот претседател Иван Џолев најде неправилности во работењето на подобните судии, кај кои се паднаа сите предмети на СЈО.
„Треба да се направи сеопфатна анализа во Основниот суд Скопје 1, да се разговара со сите судии и судската администрација, па потоа да се направи нов распоред за работа на судиите. Можни се исклучоци, онаму каде што е итно заради нормалниот тек на работењето со предметите и ако се работи за оддели кои не трпат одлагање. Новиот годишен распоред треба да се направи и да се однесува на наредната година“, рече новоизбраниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев откако денеска положи заклетва пред Судскиот совет.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали сега, кога ќе се дооценат сите обвиненија на Специјалното јавно обвинителство, тој ќе дозволи АКМИС-ситемот да ги додели кај подобните судии, од старите распореди на Владимир Панчевски, Татјана Михајлова, кои Рибарев во најголем процент со распоредот не ги смени, Џолев одговори:
„Ќе направам анализа и ако се утврдат проблеми во таа смисла, секако дека ќе има интервенција“.
Тука претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски првин упати забелешка на личната констатација на новинарите за зборот „подобни“ и рече дека сите судии биле судии.
Второ, го корегираше Џолев и кажа дека сигурно мислел на итна интервенција во распоредот во смисла да определи судија кој ќе ги наследи неговите предмети во одделот за прекршоци, каде што беше Џолев долго време тргнат настрана и на пополнување на местата на четворицата делегирани судии од внатрешноста, кои Судскиот совет одлучил да ги врати таму од кај што ги донел.
С. К. ДЕЛЕВСКА