Пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница за пратенички прашања го праша премиерот Димитар Ковачевски: Што вие како премиер ќе преземете во врска со пцуењето на Талат Џафери за кој настан кажавте дека не сте сигурен за автентичноста на снимката? Дали ќе побарате одговорност од него?
„Јас прво не сум му портпарол на Џафери. Пак ми ги извртувате зборовите. Јас не навлегувам во автентичноста на снимката, туку кажав дека на снимката не се гледа кој кому зборува. Има етички кодекс, има надлежна собраниска комисија, јас не можам да му кажам на Собранието како да работи“, одговори Ковачевски.
Ковачки потоа го праша и Ковачевски зошто го повел со себе, како што рече тој, своето чедо, на аудиенција кај папата во Ватикан за 24 Мај.
„Уште пред посетата, најавено беше дека јас ќе бидам придружуван од мојата ќерка. Не е надвор од протокол член на семејство да присуствува на аудиенција, на јавни настани. Дали премиер, претседател, претседател на Собрание, ќе биде придружен од сопружник или од друг член на семејството, не е строго утврдено со протокол. Придружбата е уште еден начин да се оддаде почит на папата во Ватикан“, одговори Ковачевски на пратеничкото прашање.
Тој додаде дека во изминатите 30 години претседатели, премиери, оделе на аудиенција придружувани со членови на своите семејства, но тоа никогаш не било оспорено.
Во продолжение и пратеникот од истата партија Бојан Стојановски го праша Ковачевски околу Џафери, бидејќи ја заклучил вратата синоќа да се пребројат пред гласањето на претходната собраниска седница.
„Пак ми поставувате прашање за Собранието. Ако сакаат пратениците владата да им каже што да прават, како да прават и во колку саат, само пратениците може да го сменат Деловникот“, кажа премиерот.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски процедурално додаде: „Претседателе Џафери треба да се засрамите. Да беше обратно, ќе беше драма, ќе лежевте на земја, ќе паѓавте во несвест.. “.
„Да беше обратно, ќе беа 24 декември и 27 април, да ве потсетам. Е нема тоа да го видите овде, јас нема да ви дозволам. Талат Џафери нема да дозволи да му го управува Собранието некој од Бела палата. Замина времето кога се носеа одлуките од друго место. Вие од ВМРО-ДПМНЕ од оваа институција сакате да правите театар. Ваша е одговорноста“, му одговори Џафери.
С. К. ДЕЛЕВСКА