СО КУРС СТАНУВААТ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ, НИ ЈА ПОДРИВААТ ПРОФЕСИЈАТА, ВЕЛИ УНИЈАТА НА МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ И АКУШЕРКИ

    СО КУРС СТАНУВААТ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ, НИ ЈА ПОДРИВААТ ПРОФЕСИЈАТА, ВЕЛИ УНИЈАТА НА МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ И АКУШЕРКИУнијата на здруженија на медицински сестри, акушерки и техничари бара закон за сестринство и дозвола да формираат комора на медицински сестри, преку која ќе се борат за задржување на овој кадар во земјава. - Сестра Гордана Бешлиовска, координатор на Унијата (Фото:СДК.МК)

    Медицинските сестри бараат надлежните да стават крај на вработување на средномедицински кадар со неколку месечен курс. Тие сметаат дека на тој начин се подрива професијата и се намалува квалитетот. Шест здруженија на медицински сестри, акушерки и техничари, кои летово ја формираа унијата „За нас“ бараат од надлежните органи да донесат закон за сестринство, а Министерството за здравство да им дозволи да формираат комора на медицински сестри. На денешниот состанок на унијата на кој се разговараше за акутелните проблеми што ги има средномедицинскиот кадар во земјава, тие рекоа дека се надеваат оти ќе добијат позитивен одговор на нивните барања, бидејќи само така може да се врати достоинството на професијата и да запре иселувањето на медицинските сестри во запоадноевропските земји.

    „Преку унијата предводиме околу 4.000 медицински сестри, акушерки и техничари. Целта на здружувањето е да се врати достоинството на сестринството, и ќе бараме закон за сестринство и дозвола за формирање комора на медицински сестри. Очекуваме оваа наша порака да стигне до раководните структури и позитивно да ни одговорат, бидејќи во тек е измена на Законот за здравствена заштита, а се работи и на одделен закон за лекарите. Сега го гледаме моментот и ние да побараме закон за нашите профили“, вели сестра Гордана Бешлиовска, координатор на Унијата на здруженија на медицински сестри, акушерки и техничари.

    Таа вели дека една од причините за одлив на медицински сестри во странство, пред сѐ во западноевропските земји е и тоа што по повеќе години работа во државните болници како волонтери и со договор на дело, не успеваат да се вработат.

    „Од една страна има дефицит на медицински сестри во сите јавни здравствени установи, од друга страна голем дел заминуваат од земјата, а од трета се вработуваат кадри со несоодветно образование, односно со неколку месечен курс во постоечките средни училишта или во ‘Кочо Рацин’. При тоа, кога ќе почнат со работа ние треба да ги доедуцираме, бидејќи освен што немаат редовно средно медицинско образование, пред да се вработат немаат ниту практична работа“, вели сестра Анита Димовска од Здравствен дом Скопје.

    Таа кажа дека не знае колкав е точниот број на средномедицински кадар кој во државните болници е вработен со неколкумесечен курс, но дека таа бројка воопшто не е мала.

    „Се надеваме дека преку Комората на медицински сестри ќе можеме да се вклучиме и во образовниот процес на медицинските сестри, оти сега сме само едукатори, но нашето дошколување се прошири и тоа не ни е признаено во здравствените институции“, рече сестра Бешлиовска.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира