Доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија денеска на прес-конференција рече дека Владата треба да го бира директорот на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, а раководителите на клиниките да бидат вработени со 20 години искуство, објави агенцијата МИА. Д-р Беќаровски, кој е и член на Комисијата за заразни болести, говореше како член на Иницијативниот одбор за формирање синдикат, кој денеска се спои со синдикатот на Клиничкиот центар во докторски одбор „Хипократ“.
Министерот за здравство Фатмир Меџити пред 5 месеци најави дека ќе ги укине организациските директори на клиниките, а на прес-конференцијата на 1 август, потсети дека врши притисок во Владата тоа да се оствари од 1 јануари 2024.
„Иницијативниот одбор ја поздравува идејата за спојување на Клинички центар, тоа беше една од нашите заложби. Меѓутоа, од друга страна, спојувањето треба да значи и професионализација на клиниките. Што подразбираме под тоа? Директорот на Клинички центар, да, може, нека го бира Владата, меѓутоа раководителите на клиниките исклучиво да се бираат од редот на вработените на клиниката со минимум 20 години специјалистичко искуство да бидат, пожелно би било секако да бидат од редот на професорите коишто се на таа клиника. Ние направивме една груба проценка дека само по основ на втор директор којшто постои моментално во клиниките и по основ на управни одбори, годишно околу милион и сто илјади евра се неповратно фрлени без никаква конкретна импликација, освен што служи за вработување на кадри“, кажа Беќаровски.
Според д-р Беќаровски, од „вечерни школи“, резултатот е неквалитетен кадар.
„Секој најдобро знае каков персонал му фали. Во моментов, се случува од денеска да добиеме писмо дека овој е прераспределен кај вас, овој е тргнат од кај вас. Со ваков начин, квалитет нема. Верувајте, има сестри коишто не знаат да ја стават иглата на шприцот. Таква сестра не може да работи на Клинички центар. Не би требало да работи ни на друго место. Се дисперзираа, секаде се отворија школи, се завршуваат вечерни школи, од таму произлегоа неквалитети“, смета Беќаровски.
Тој додаде дека огромен е револтот на докторите, затоа што цела одговорност ја носат самите тие.
„Во сите овие случаи што беа актуелни, никој не праша дали сестрите дале соодветна терапија, дали болничарот ја однел крвта како што треба и така натаму. Ако нема професионализација, вакви грешки ќе се повторуваат и понатаму“, кажа тој, додавајќи дека има клиники што нема да функционираат ако волонтерите се одлучат да ги напуштат.
Доцна попладнево, Министерството за здравство соопшти дека „ги поддржува заложбите на медицинските синдикални здруженија за подобар здравствен систем како и поефикасна здравствена услуга на пациентите“.
„Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити на последниот состанок со претседателот на Синдикатот на Клинички центар д-р Предраг Серафимовски и со д-р Љубиша Каранфиловски претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита разговараа за состојбите во здравството и беа спомнати повеќе идеи во врска со Клинички центар, специјализациите, подобри услови за работа на здравствените работници, нивно стручно усовршување. На состанокот беше договорено дека од септември ќе се одржи работна средба на која подетално ќе се разработат одредени актуелни прашања, меѓу кои и пресметување и исплата на платите во здравствената дејност“, велат од Министерството.