НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ФАЛСИФИКУВАЊЕ НА ВИСТИНАТА ЗА ХОЛОКАУСТОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ, РЕЧЕ СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ПРИ ПОСЕТАТА НА ТРЕБЛИНКА

    НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ФАЛСИФИКУВАЊЕ НА ВИСТИНАТА ЗА ХОЛОКАУСТОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ, РЕЧЕ СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ПРИ ПОСЕТАТА НА ТРЕБЛИНКАМора да потсетуваме на злото за да не се случи повторно, рече Сиљановска-Давкова (Фото: Фејсбук)

    Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им оддаде почит на убиените македонски Евреи во Меморијалниот и музејски комплекс „Треблинка“ во Полска, станувајќи првиот претседател на Македонија кој го посетил. Таа положи венец пред спомен-обележјето посветено на 7.144 македонски Евреи депортирани од фашистичкиот окупатор во логорот „Треблинка“ во 1943.

    Застанати пред амбисот на злото, нема да дозволиме историски ревизионизам и фалсификување на вистината за Холокаустот на македонските Евреи. Државна и човечка должност е да сме тука во пресрет на Денот на сеќавањето на Холокаустот на македонските Евреи. За нас, трагедијата е поголема и поболна, бидејќи антисемитизмот никогаш не бил македонска одлика“, рече Сиљановска-Давкова.

    Според неа, фактот што македонските Евреи кои ја избегнале депортацијата веднаш се вклучиле во народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ е доказ за нашиот соживот.

    Сиљановска-Давкова го поздрави поставувањето на новиот ѕид, на кој ќе бидат напишани сите познати имиња на убиените Евреи во Треблинка, вклучително и имињата на македонските Евреи. Таа положи венец и пред споменикот посветен на жртвите на Варшавското гето.

    Минатата година бев во посета на Аушвиц. Страшно и тажно нешто. Тогаш реков дека сите ние, а особено македонските претседатели, имаме не само државна, туку и човечка обврска, секогаш на овој траорен ден да бидеме овде, со луѓето чии домови се на друго место. Затоа реков дека денеска се чувствувам како македонска Еврејка, бидејќи тоа е нивниот дом. Можеби некој ќе се лути, но мислам дека мора да потсетуваме на злото за да не се случи повторно. Мора да знаеме дека не се виновни само сторителите, туку и оние кои дозволиле да се случи злото. Затоа јас сакам да повторам дека на 11 март 1943, тогашната бугарска фашистичка окупаторска власт, а не народот бугарски, насилно ги собра македонските Евреи од окупираната Македонија, ги натовари во сточни вагони и ги депортираше тука, во нацистичкиот центар за екстерминација Треблинка‘. Страшното за нашите Евреи е тоа што во прашање се 98% од севкупната македонска еврејска популација. Некој ставил крај на македонската еврејска заедница“, рече Сиљановска-Давкова.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира