Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека системот со камери на сообраќајници „Сејф Сити“ ќе биде целосно функционален во текот на идната година.
Министерот рече дека претходните власти извршиле набавка, но направиле стратешки план како сето тоа ќе го стават во функција и не направиле законски процедури, каде точно тоа треба да се имплементира, како ќе се доставуваат казните, дали судот ќе може да одговори на предизвикот да постапува по десетици илјади предмети на месечна основа.
Тошковски вели дека кога ќе профункционира системот „Сејф сити“, не само што ќе се фотографираат сообраќајните прекрошоци, туку ќе има и наплата на казната и, како што кажа, нема да има повеќе „ало началниче“.
„Така што се надевам дека во 2025 ќе имаме целосна функционална примена – да го затвориме целосно системот, не само камерата да изврши фотографија на одредено лице, туку на крајот да стигнеме со наплата на предметната казна и еднаш засекогаш да се знае дека нема повеќе ‘ало началниче’, ‘ало министре’, нема веќе завршување работа надвор од системот и тоа треба да им е јасно на сите“, кажа Тошковски, одговарајќи на новинарско прашање на настанот „100% посветени за тебе“ на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“ во Владата.
Фразата „ало началниче“ потекнува од прислушуваните разговори, објавени во 2015 година од тогашната опозицијата, предводена од Зоран Заев.
Министерот вели дека граѓаните ќе имаат временски период во кој што ќе бидат предупредувани од страна на ова софтверско решение, кое што ќе треба да ја процесуира целокупната постапка. Како што кажа тој, тоа значи оти ќе има преоден период, кога граѓаните ќе можат да увидат на лична основа колку пати сториле одреден прекршок во делот на управување моторно возило и сите други сообраќајни правила што се пропишани.
Системот ќе регистрира сообраќајни прекршоци како што се минување на црвено светло, возење со брзина поголема од дозволената и непрописно паркирање со крајна цел зголемување на сообраќајната култура и намалување на сообраќајните несреќи со човечки жртви чии бројки се очекува драстично да се намалат.