Негативен е тестот за мајмунски сипаници на кичечанецот кој од пред 4 дена беше сомнитеен дека е заразен од болеста, соопшти Министерството за здравство.
„Од Институтот за јавно здравје сме информирани дека е завршено испитувањето на брисот земен од пациентот од Кичево суспектен на мајмунски сипаници и резултатот е негативен. Потсетуваме дека Институтот располага со доволно количество тестови за детекција на мајмунски сипаници, а тестирањето се врши по индикација утврдена од специјалист инфектолог. Во соработка со Комисијата за заразни болести и Светската здравствена организација внимателно се следи состојбата со мајмунски сипаници во светски рамки“, соопшти Министерството.
За лицето, од Комисијата вчера соопштија дека ќе биде побаран здравствен надзор со цел да биде лоцирано, а потоа и тестирано, откако здравствените работници не успаја претходно да остварт контакт со него и тој да се тестира. Пациентот се имаше јавено на матичен доктор пред три дена, по што веднаш веднаш била остварена комуникација со лекари од Инфективната клиника во Скопје и му било понудено тестирање. Тој не го прифатил тестирањето и не се појавил на Инфективната клиника, по што биле известени епидемиолошките служби од Битола и тие реагирале веднаш. Епидемиологот од Битола бил два пати во местото на живеење на пациентот, разговарал со членовите од неговото семејство, но не и со сомнителното лице. Контакт бил воспоставен дури денес и лицето е тестирано.
Ж. ЗДРАВКОВСКА