Уставниот суд денеска не поведе постапка за владината уредба со која поради пандемијата на КОВИД-19, Државната изборна комисија (ДИК) ги запре сите предизборни активности. Уставниот суд со тоа ѝ го отвори патот на ДИК веднаш по вонредната состојба која треба да заврши на 16 мај, и ако нема нова, да ги дозаврши обврските и во рок од 22 дена да се одржат изборите.
На ова со своерачен потпис, на 22 март, 4 дена по прогласувањето на вонредната состојба, се обврзал претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски, кој сега бара 50 дена за подготовка и за довршување на активностите на Комисијата.
Оттаму е нејасно за што ќе се преговара на лидерската средба следната недела кај претседателот Стево Пендаровски, свикана за одредување нов датум за одложените парламентарни избори. Лидерот на СДСМ Зоран Заев веќе предложи тие да се одржат на 14 јуни, термин што отприлика се совпаѓа со завршетокот на тие 22 преостанати дена за активностите на ДИК, но лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не сака да слушне да има избори пред половината на јули.
Според Заклучокот потпишан од Дерковски, ДИК се обврзува дека „сè што сработила како изборни дејствија до 22 март важи и дека сите преостанати дејствија кои произлегуваат од Изборниот законик ќе бидат предвидени во ревидираниот роковник, кој ДИК ќе го донесе веднаш по укинувањето на вонредната состојба и донесувањето на новата владина Уредба за изборниот процес“.
Според Изборниот законик пак, ДИК има уште 22 дена до изборите, а не 50 како што бара Дерковски. Претседателот на Собранието Талат Џафери ги распиша изборите за 12 април, веднаш по распуштањето на Собранието на 16 февруари.
По лидерската средба која се одржа кај Пендаровски на 12 мај, кога лидерите не се договорија за датум на одржување на парламентарните избори, претседателот закажа нејзино продолжение на истата тема следната недела.
С. К. ДЕЛЕВСКА