НЕПРАВЕДНИОТ БЕРЛИНСКИ КОНГРЕС ГИ ОСТАВИ МАКЕДОНСКИТЕ БУГАРИ НАДВОР ОД ГРАНИЦИТЕ НА БУГАРИЈА, НО НЕ ИМ ЈА ОДЗЕДЕ НАДЕЖТА ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ СО ТАТКОВИНАТА, КАЖА РАДЕВ

    НЕПРАВЕДНИОТ БЕРЛИНСКИ КОНГРЕС ГИ ОСТАВИ МАКЕДОНСКИТЕ БУГАРИ НАДВОР ОД ГРАНИЦИТЕ НА БУГАРИЈА, НО НЕ ИМ ЈА ОДЗЕДЕ НАДЕЖТА ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ СО ТАТКОВИНАТА, КАЖА РАДЕВБугарскиот претседател Румен Радев на одбележувањето на 110-годишнината од ослободувањето на Петрич од Отоманската империја во Првата балканска војна. (Фото: Фејсбук)

    Бугарскиот претседател Румен Радев се наврати на „неправедниот Берлински конгрес“ од 1878 година, со кој е поништен Санстефанскиот договор и идејата за „Голема Бугарија“, на одбележувањето на 110-годишнината од ослободувањето на Петрич од Отоманската империја во Првата балканска војна.

    Синоќа во Петрич, Радев кажа дека со Берлискиот конгрес, македонските Бугари останале надвор од границите на Бугарија, но не им била одземена надежта дека ќе се обединат со татковината.

    „Неправедниот Берлински конгрес ги остави македонските Бугари надвор од границите на слободна Бугарија, но не успеа да им ја одземе надежта дека денот на обединување со татковината не е далеку. Тие продолжија да бидат неделив, животворен дел од заедничкиот духовен и културен простор на бугарскиот народ. Интегрален дел од бугарската политичка, општествена и културна елита, македонските Бугари продолжија да ги потсетуваат нивните слободни браќа на нивниот неотповиклив долг кон сè уште поробените“, кажа Радев.

    Пoттик за одржување на Берлинскиот конгрес биле Руско-турската војна од 1877-78 и Санстефанскиот договор, кој што според европските сили, Велика Британија посебно, бил многу поволен за Русија, па инсистирале да се направи негова ревизија. Учесници на Берлинскиот конгрес биле Австрија, Британија, Франција, Германија, Италија, Русија и Турција. Со одлуките на конгресот од јули 1878 година, основано е Бугарско кнежевство под номинална отоманска власт и била призната независноста на Црна Гора, Србија и Романија. Македонија била вратена под отоманска власт, со што пропаднал рускиот план за „Голема Бугарија“, предвиден со Санстефанскиот договор меѓу Русија и Отоманската империја.

    Со Санстефанскиот договор од четири месеци претходно, Бугарија станува автономно кнежество, со територија на цела денешна Бугарија, плус речиси цела Македонија, делови од Србија и Тракија. Денот на потпишување на Санстефанскиот договор, 3 март, се слави како Ден на ослободувањето во Бугарија.

    Радев, зборувајќи за Првата балканска војна од 1912 година, кога Балканската лига, составена од Бугарија, Србија, Црна Гора и Грција, ја протерува отоманската војска од речиси целиот полуостров, кажа дека населението во Пиринска Македонија било спасено “насилна дебугаризација“.

    „Судбоносните денови на Балканската војна го одбележаа времето на врховен национален подем и ја вратија надежта за Пиринска Македонија. Тој многувековен бугарски крај беше ослободен со чекорите на Седмата рилска дивизија и на доблесната чета на капетанот Никола Парапанов, кој го најави во Петрич пристигнувањето на долгоочекуваната родна, бугарска власт. Слободата на Пиринска Македонија стана штит за локалното население. За спас од насилната дебугаризација и погромите бугарската самосвест и меморијата на предците. Во штит против жестоко наметнатите странски доктрини кои што имаат една цел – бришење на сè што е бугарско. Денеска, Пиринска Бугарија продолжува да биде тврдина на бугарштината, на патриотизмот и историската вистина. Тука се бранат честа и достоинството на македонските Бугари, нивните вековни традиции и каузи“, рече бугарскиот претседател.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира