Јавното обвинителство отвори истрага за секретарката на началникот на униформираната полиција во СВР Битола која пукала од автоматска пушка на својата свадба.
„По написите во повеќе медиуми во кои се пишува за свадбената веселба на која е употребено оружје, како и за други настани на кои истото оружје е користено и каде има индиции и за евентуално сторени кривични дела, а во насока на информирање на јавноста, јавното обвинителство истакнува дека за овие настани веќе има отворено предмет пред неколку дена“, стои во соопштението на јавното обвинителството.
Оттаму информираат дека во рамките на истражните дејства била испратена и наредба до Министерството за внатрешни работи „за понатамошно постапување“.
Потпретседателот на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), Дарко Каевски, во вторникот на прес-конференција објави фотографии од невеста со автоматска пушка, за која тврди дека е нововработената секретарка на началникот на униформираната полиција во СВР Битола, Марија Ристовска-Калешковска, како пука на својата свадба.
Сестрата на невестата тврдеше дека секретарката пукала со огномет, а МВР најави интерна истрага за можна злоупотреба.