Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, најави воведување на пет нови авиолинии од аеродромите во Скопје и Охрид, кои ќе бидат оперирани од страна на авиокомпанијата „Визер“.
Од аеродромот во Скопје, од 6 април следната година ќе се воведат две нови дестинации: Неапол и Будимпешта.
Од охридскиот аеродром, почнувајќи од 28 јуни следната година, ќе се лета кон три нови дестинации: Катовице, Вроцлав и Милано (Малпенса).
Николоски рече дека како дел од проширувањето, „Визер“ ќе го зголеми бројот на постојано стационирани авиони на скопскиот аеродром од четири на шест. Дополнително, постоечките авиони од типот „Ербас 320“ ќе бидат заменети со понови и поголеми модели „Ербас 321нео“, што ќе резултира со зголемување на капацитетот за превоз на патници за 50 отсто.
Со ова проширување се очекува да се отворат и нови работни места. Во моментов, во „Визер“ работат 200 лица од Македонија, а оваа бројка ќе се зголеми за уште 100 нови вработувања.
Извршниот директор на „Визер“, Јозеф Варади, на заедничката прес-конференција со Николоски кажа дека компанијата е пазарен лидер во земјата и континуирано инвестира во нови технологии и можности за вработување.
„‘Визер’ е вашиот ефективен авиопревозник, ние сме пазарен лидер во земјата, постојано носиме нови технологии и нови можности за вработување во земјата“, изјави Варади.