Низ цела држава недостасуваат учебници, но се обидуваме да обезбедиме донација за најголем дел од учебниците, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Поминаа повеќе од две недели од почетокот на учебната 2025/2026 година, а голем дел од училиштата сѐ уште не се комплетни со учебници.
Јаневска на прес-конференција на 11 јуни рече дека дека на 1 септември ќе ги има сите учебници, вклучително и за странски јазици од прво до деветто одделение.
Министерката денеска рече дека има и несоодветно распоредени учебници во некои училишта, па каде има вишок, ги префрлаат во оние каде недостасуваат.
На новинарско прашање дали ќе има одговорност за директорите кои не направиле добра проценка колку учебници требаат, министерката одговори: „Дефинитиво постои едно недоразбирање кое во иднина ќе треба да го решиме, иако многупати сме зборувале и Министерството многу пати повикуваше што сѐ треба да се направи. Во овој момент праќаме дописи до училиштата, ќе продолжиме понатаму да ги допрецизираме правилниците за децидно да им биде кажано што, како и во кој период треба да направат за во иднина да немаме вакви проблеми. За дел од проблемите бараме и изнаоѓаме решенија и голем дел од учебнците ќе можеме да ги надоместиме на разни начини, а во иднина се надевам дека нема повеќе да имаме вакви пробелми затоа што сметам дека веќе го воспоставивме тој стабилен систем за снабдување со учебници“.
На прес-конференцијата на 11 јуни, Јаневска апелираше училиштата да не им делат парталави и неупотребливи учебници на учениците за следната учебна година, треба да ги пријават во електронскиот систем на Министерството за образование и наука (МОН) и тие ќе бидат заменети со нови пред почетокот на новата учебна година.
Б. НЕСТОРОСКА