Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Перпарим Бајрами, поранешен директор на АД Државна лотарија, поради основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување.
Според пријавата, Бајрами се сомничи дека ја злоупотребил својата позиција, склучувајќи договор за закуп на административно-деловен простор со правното лице ХЕЈ ДООЕЛ Скопје на 5 јули 2023 година. Просторот, според пријавата, не бил прилагоден за потребите на Државна лотарија, а цената по метар квадратен била значително повисока од пазарната.
Во пријавата понатаму се наведува дека договорот не ги исполнувал условите од јавниот повик – објектот имал поголема површина од предвидената, а не бил опфатен и дворот, кој бил специфичен услов во повикот. И покрај условот за простор од 2.000 до 2.500 метри квадратни, договорот бил склучен за 2.426 метри квадратни, а за дополнителните 502 метри квадратни подоцна бил склучен договор за послуга.
Дополнително, се тврди дека во јавниот повик бил наведен услов за сопствено дворно место со паркинг простор, што не било вклучено во договорот. Договорената цена за закуп била 9 евра по метар квадратен, иако пазарната цена во тој период за слични објекти во Визбегово се движела од 2,5 до 4,5 евра.
Според финансиската полиција, просториите требало да бидат реновирани, за што била предвидена јавна набавка од 1.300.000 евра, што би претставувало дополнителен трошок за Државна лотарија.
Иако просториите не биле користени според договорот, Државна лотарија исплатила 24.636.045 денари на ХЕЈ ДООЕЛ Скопје. Со овие дејствија, П.Б. наводно предизвикал штета на буџетот на Државна лотарија во износ од 24.636.045 денари.
За Бајрами, од 18 декември 2024 година е распишана меѓународна потерница, за друго дело поврзано со неговото директорување со АД Државна лотарија.
Од Основното јавно обвинителство Скопје велат дека ја примиле и веќе постапуваат по пријавата.
„Со оглед дека осомничениот сè уште е недостапен на органите на прогонот и по него се трага со национална и меѓународна потерница, ќе се преземат други дејствија за испитување и прибирање докази“, велат оттаму.