НОВА ЗАKАНА Е ИНСТИТУЦИОНАЛНИОТ ТЕРОРИЗАМ, ФАРМИ НА ТРОЛОВИ/БОТОВИ ПОСЛЕДНИВЕ ГОДИНИ ШИРАТ НЕЗАДОВОЛСТВО НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ, КАПАЦИТЕТИТЕ НА ДРЖАВИТЕ СЛАБЕАТ

    НОВА ЗАKАНА Е ИНСТИТУЦИОНАЛНИОТ ТЕРОРИЗАМ, ФАРМИ НА ТРОЛОВИ/БОТОВИ ПОСЛЕДНИВЕ ГОДИНИ ШИРАТ НЕЗАДОВОЛСТВО НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ, КАПАЦИТЕТИТЕ НА ДРЖАВИТЕ СЛАБЕАТИнформацискиот простор се преплавува со огромен број контрадикторни вести за да се збунат граѓаните и да се оневозможи разграничување на фактите од фикцијата, што води до општа недоверба во сите извори на информации. (Фото: СДК.МК)

    Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Павле Трајанов, предупредува на растечки и загрижувачки феномен што тој го нарекува „институционален тероризам“ или „институционален радикализам“, каде што групи, претежно составени од млади луѓе, се организираат на социјалните мрежи со цел да ги поткопаат државните институции и политики. Според него, оваа појава ги надминува границите на слободата на говор и прераснува во организирано ширење на дефетизам и повици за насилство, кое директно ги слабее темелите на државата.

    „Тоа значи дека се формираат групи, посебно во европските држави, но и кај нас. На социјалните мрежи тајно, во затворени групи, се организираат против државните институции. Во суштина, тие се против сѐ. Слободниот говор е една работа, но ова е насилство. Разговараат како да прекинат дотур на струја или да направат инцидент на стадион, што кај нас и се случува“, вели Трајанов.

    Овој феномен користи добро познати тактики за ширење дезинформации и манипулација. Често се работи за координирано неавтентично однесување, каде мрежи од лажни профили, управувани од „фарми на тролови“ или ботови, засилуваат одредени наративи за да создадат лажна слика за масовна поддршка. Информацискиот простор се преплавува со огромен број контрадикторни вести за да се збунат граѓаните и да се оневозможи разграничување на фактите од фикцијата, што води до општа недоверба во сите извори на информации. Алгоритмите на социјалните мрежи се злоупотребуваат преку пласирање емотивно набиени и сензационалистички содржини кои предизвикуваат поголем ангажман и полесно се шират, без оглед на нивната вистинитост.

    Главната цел на ваквите манипулации е да се посее поделба, да се поларизира општеството и да се уништи довербата на јавноста во владата, медиумите и демократските институции.

    Трајанов вели дека државата мора системски да им понуди алтернатива на младите, споредувајќи го денешното време со минатото, кога системот нудел бројни организирани активности за младите, од спортски и музички секции до извидници. (Фото: СДК.МК)

    Трајанов признава дека фрустрациите кај граѓаните, особено кај младите, се често оправдани поради начинот на кој функционира системот, неправдите, корупцијата и чувството дека државата ги изневерува. Сепак, проблемот е што тие реакции стануваат агресивни и насилни, наместо да се водат низ дијалог.

    „Причините се семејни, индивидуални, незадоволни се од школскиот систем, од односот на професорите и од целокупниот однос на државата кон младите. Има еден чуден феномен, дека здравиот разум доаѓа post factum. Оние кои гласале за одредени луѓе што се на власт, сега се најголеми критичари на истите тие. Нивниот речник е агресивен, не е издржан и аргументиран“, објаснува тој.

    Трајанов посебно укажува на улогата на новите технологии во овој процес.

    „Најмодерно е сега да собираат информации преку вештачката интелигенција. Ќе побараш негативни аспекти за одредена работа, и вештачката интелигенција ќе ти ги даде. Тие тоа го шират и создаваат дефетизам. Не секој знае како да ја користи, па верува“, додава тој.

    Како решение, Трајанов укажува на новиот акциски план за соработка меѓу земјите од Западен Балкан, во чија изработка учествувал. На негова иницијатива, како врвни приоритети се ставени онлајн радикализацијата и поврзаноста на организираниот криминал со финансирањето тероризам преку криптовалути. Тој смета дека државата мора системски да им понуди алтернатива на младите, споредувајќи го денешното време со минатото, кога системот нудел бројни организирани активности за младите, од спортски и музички секции до извидници.

    „Сега тоа се остави настрана. А во многу западни држави сега ги развиваат тие здруженија, за да ги ангажираат младите. Јас да сум на власт, би организирал младите да ја користат вештачката интелигенција, да се обучат брзо, да ги користат позитивните аспекти. Може да се организира обука за информатичка писменост. Македонија може да биде информатичка сила, имаме многу инженери, но тие се наемни работници за странски компании“, вели Трајанов, додавајќи дека онлајн радикализацијата може да доведе до насилство во реалниот свет и затоа е потребен сериозен и сеопфатен пристап.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира