НОВИ 97 СЛУШАТЕЛИ ЗА СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ, ГЛАВНИОТ ИСПИТ ГО ПОЛАГАЛЕ ОТКАКО АКАДЕМИЈАТА ГО ОТКАЧИЛА СИСТЕМОТ НА „ИНВОКА“ НА РАШКОВСКИ

    НОВИ 97 СЛУШАТЕЛИ ЗА СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ, ГЛАВНИОТ ИСПИТ ГО ПОЛАГАЛЕ ОТКАКО АКАДЕМИЈАТА ГО ОТКАЧИЛА СИСТЕМОТ НА „ИНВОКА“ НА РАШКОВСКИСпремни за бирање, пак, се штотуку дипломирани 59 кандидати за судии и обвинители, додека во исто време ќе почнат да се пензионираат 100-тина судии низ цела Македонија. - Директорката на АСЈО Наташа Габер-Дамјановска (Фото: АСЈО)

    По година ипол управни и судски постапки, кои мора да се испочитуваат поради правата на кандидатите, Комисијата за приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“  исфрли конечна ранг листа за приемот на нови 97 слушатели на почетна обука. Пред нив се три години кога треба да се образуваат и да ги положат испитите, ако сакаат да бидат избрани за судии или обвинители.

    Истовремено, на Академијата дипломираа 59 кандидати за судии и за јавни обвинители, кои се спремни за бирање во ноември и декември, вели директорката на Академијата Наташа Габер – Дамјановска. Токму тогаш пак, ќе се пакуваат 100-тина судии во Македонија за во пензија, сите одеднаш.

    Огласот за овие 97 нови кандидати, вели директорката,  објавен е  уште во септември 2020 година. Од 497 пријавени кандидати, 484 ги исполнија формалните услови, по што добија испитна шифра за анонимност, заштита на личните податоци при полагањето на испитот, се до крај, до моментот на објавување на листата. Таа додава дека секој чекор е објавуван на веб и на Фејсбук-страната на Академијата и благодарение на тоа до последно се бореле и верувале сите пријавени кандидати.

    По повеќемесечни елиминациони тестови, психолошки, за странски јазик, за интегритет, со изолации од коронавирус, па со приговори, жалби, тужби, бескрајно чекање да завршат постапките, се дошло до бројка од 263 кандидати.

    „Последната фаза од приемниот испит беше Полагање на испитот кој се состои од писмен (практичен) и устен дел. Пред полагањето на писмениот дел од испитот, Владата на РСМ го раскина договорот со фирмата ИНВОКА ГРОУП ДООЕЛ која беше задолжена за хостингот на електронските испити на Академијата и други државни институции. По настанувањето на проблемот, Академијата вложи големи напори за решавање на настанатиот проблем и овозможување на непречено полагање на писмениот дел од испитот. Врз основа на поднесено барање од страна на Академијата, Владата на 67-та седница одржана на ден 27.4.2021 донесе Заклучок, во кој истата се обврзува да спроведе интервентна набавка исклучиво за оваа последна фаза од приемниот испит преку која ќе се овозможи финализација на полагањето во најбрз можен рок“, кажува Академијата како се отарасила од фирмата Инвока, поврзана со Драги Рашковски, а која е предмет на кривично дело за настан неповрзан со Академијата.

    По нови 9 месеци за управните и управно – судските постапки на незадоволните кандидати кои не влегле на листата 97 најдобри, Академијата денеска ја објави конечната ранг-листа на осмата генерација на положени кандидати со освоени бодови на приемниот испит и на примени слушатели во почетна обука на Академијата по заедници, со име и презиме на кандидатите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира