Новинарот Александар Тодески и камерманот Владимир Желчески од порталот „А1он“ се пуштени на домашно лекување, откако вчера на крајот на протестот организиран од иницијативата „За заедничка Македонија“ беа брутално претепани од петмина насилници при што се здобиле со потреси на мозок и други повреди, потврди Тодески за агенцијата „Мета“. По нападот, двајцата беа пренесени во Ургентен центар, кадешто ја поминаа ноќта.
„Во моментов наодите од болница се носат во полициска станица, а секако ќе поднесеме тужби“, изјави Тодески за „Мета“.
Порталот „А1он“ синоќа најави тужби за организаторот на протестот, граѓанската иницијатица „За заедничка Македонија“, а неколку часа по нападот, министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, го информирал Здружението на новинарите на Македонија дека има приведени.