НОВИНАРСКАТА НАГРАДА „НИКОЛА МЛАДЕНОВ“ ЗА ИРЛ, АРБНОРА МЕХМЕТИ И АЛЕКСАНДАР МАНАСИЕВ

    НОВИНАРСКАТА НАГРАДА „НИКОЛА МЛАДЕНОВ“ ЗА ИРЛ, АРБНОРА МЕХМЕТИ И АЛЕКСАНДАР МАНАСИЕВТрадиционалните награди на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) се доделуваат за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава. (Фото: МИА)

    Новинарскиот тим на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја освои наградата „Никола Младенов 2020“ за Најдобра истражувачка сторија, за серијалот текстови „Пандемско профитерство – другата страна на приказната за ковид-19“.

    „Истражувањето на тимот од Истражувачката репортерска лабораторија обелоденува скандал со лажно декларирани тестови за ковид-19 и несигурни заштитни маски, од кои профитираа приватните болници и веледрогериите, а за жал беа изгубени и човечки животи. Сознанијата на авторите откриваат дека државата, на почетокот на пандемијата минатата година, немаше воспоставено доволно ефикасен систем за контрола на квалитетот на лековите и медицинските средства што се увезуваа од странство. Истражувањето е темелно, сеопфатно, при што се употребени мноштво релевантни факти, докази и изјави од релевантни соговорници, а дополнително се презентирани и валидни документи кои ги поддржуваат сознанијата на авторите“, вели жирито.

    Фоторепортерката Арбнора Мехмети ја освои наградата за најдобра репортерска фотографија за „Две патки поминуваат на пешачки премин во време на полициски час“ објавена во „Слободен печат“.

    Александар Манасиев е награден за најдобар иновативен новинарски производ за мултимедијалната сторија „Тивките балкански убијци“ за влијанието на термоцентралите врз животната средина, објавена на интернет платформата „Види вака“.

    Наградите Македонскиот институт за медиуми (МИМ) ги доделува традиционално од 2001, а од 2013 наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“ Никола Младенов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира