Претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија реагира за вчерашното непримерно и дрско однесување на битолската судијка Цветанка Никодиновска кон новинарите на САКАМДАКАЖАМ.МК и на ТВ Телма, чии телефони по нејзина наредба беа одземени на судењето на претседателот на бугарскиот клуб Ванчо Михајлов, а камерманите воопшто и не беа пуштени внатре.
Новинарите имаа уредни и навремени дозвола за снимање, добиени од Врховниот суд, а потпишани лично од претседателката Беса Адеми, како што бараат досегашната пракса и законот.
Иако судењата се јавни, Никодиновска им се закани на новинарите дека следен пат нема да ги пушти, ако станат пред таа да каже кога смеат да станат и да ја напуштат седницата.
Во реакцијата, Врховниот суд бара од сите судии доследно да ги почитуваат и применуваат акредитациите за медиумите одобрени од страна на претседателот на Врховниот суд. Покрај дозволите за снимање и фотографирање, судиите треба да ги почитуваат исто толку и препораките за снимање и фотографирање во судница, усвоени и објавени од Врховниот суд на Република Северна Македонија и Судско-медиумскиот совет.
„Во согласност со позитивните прописи, заложбите за отворено судство и начелата на транспарентност и отчетност, клучната цел на акредитациите и препораките е да се заштити јавниот интерес, континуирано да се зајакнува угледот на судството и воедно да се истакне демократската улога на медиумите во општеството. Работата на судовите и медиумите, како и работата на судиите и новинарите имаат заеднички именител, а тоа е вршење на професијата во интерес на граѓаните. Оттука, секое отстапување од овие вредности, не е во насока на заштита на заложбите за јакнење на јавната доверба и заштита на јавниот интерес во името на граѓаните“, укажува претседателката Беса Адеми.
Вчера по наредба на судијката Никодиновска, пред судницата вработено лице од новинарите побарал телефоните кои им се средство за работа (за пишување текстови) да ги дадат на припадник на судската полиција, а камерманот да ја остави камерата на портирница. На новинарите им било дозволено само како граѓани да присуствуваат на рочиштето, иако во записникот биле заведени како новинари.
Откако судијката Цветанка Никодиновска констатирала дека судењето ќе биде одложено и оти следното рочиште се закажува за 28 јануари 2025 година, новинарите како и секогаш, станале да си одат и да се подготват да земат изјави пред судот, оти внатре не им било дозволено снимање. Тогаш судијката Никодиновска им се обратила на висок тон:
„Враќајте се назад, судењето не е завршено! Другиот пат нема ни да ве пуштам да присуствувате!“.
Во реакцијата Врховниот суд додава дека во врска со вчерашниот случај во Основниот суд Битола, поднесена е претставка по која се постапува во согласност со законските надлежности.
С. К. ДЕЛЕВСКА