Клиниката за хематологија во јуни 2023 ќе почне да го користи новиот спрат и годишно ќе се помогне на 100 македонски пациенти и 20 од странство, за разлика од досега кога може годишно да се прават по 50-60 трансплантации годишно.
Новиот спрат, кој почна да се гради пред една година, се гради за 1 милион долари, пари од програмата за помош од Европската команда на Армијата на САД, обезбедени преку Амбасадата на САД во земјава.
„На новиот оддел, годишно ќе бидат лекувани најмалку 50 до 60 пациенти од нашата земја и 10 до 15 од соседните земји, кои досега не можевме да ги прифатиме заради немање просторни услови. Тоа се пациенти со малигни хематолошки болести, една од најранливите групи на пациенти. Клиниката за хематологија сега е на мапата на светските и европските медицински центри за лекување на најтешките болести на крвта. Со оваа донација, Хематологија доби додадена вредност од техничка гледна точка, простор и опрема со која дополнително ќе се подобри медицинската услуга за пациентите“, вели директорката.
Според неа, новиот капацитет, заедно со воспоставените најсовремени методи за лекување и медицинска грижа, нудат можност клиниката да му служи не само на македонскиот јавен здравствен систем, туку истовремено го етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување на хематолошки болести во поширокиот регион.
„Финансиската помош е признание на САД за потенцијалот што го носи менаџерскиот и лекарскиот тим на ЈЗУ Клиника за Хематологија Скопје“, додава директорката.
Проектот предводен од директорката на Клиниката, беше во сериозна конкуренција од 38 меѓународни поднесоци на научно-истражувачки проекти во областа на ковид-19.
Б. НЕСТОРОСКА