ЊУЈОРЧАНЕЦ ОСУДЕН ЗА ПЕРЕЊЕ ПАРИ ОД КРАЖБИТЕ НА МИЛИОНИ ДОЛАРИ ОД БАНКАРСКИ СЕФОВИ ВО СТРАНСТВО, ВКЛУЧУВАЈЌИ ЈА И МАКЕДОНИЈА

    ЊУЈОРЧАНЕЦ ОСУДЕН ЗА ПЕРЕЊЕ ПАРИ ОД КРАЖБИТЕ НА МИЛИОНИ ДОЛАРИ ОД БАНКАРСКИ СЕФОВИ ВО СТРАНСТВО, ВКЛУЧУВАЈЌИ ЈА И МАКЕДОНИЈАСнимка од безбедносна камера од кражба на сефови во Летонија. (Фото: Судски документ од Бруклинскиот суд)

    Њујорчанецот Алекс Левин беше осуден од федерална порота во Бруклин за перење пари, соопшти тамошното обвинителство. Обвинувањето следува по неговото учество во компликувана меѓународна шема за кражби во која што настрадаа банки во многу земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија.

    Операцијата, која што траеше од март 2015 до октомври 2019 година резултираше со кражба на милиони долари во кеш и вредни предмети од сефови во банките.

    Левин играл клучна улога во операцијата, дејствувајќи како главен координатор од Бруклин. Тој бил одговорен за перење на украдените пари низ САД. На пример, накусо по серија кражби во Украина, компанија именувана „Гленпорт Мерчантс“, со банкарска сметка во Летонија, му пратила 150.000 долари на Левин. Тој потоа префрлил 144.727 долари на друг вклучен во кражбите.

    Дополнително, Левин користел сметки во американски банки за да купува софистицирани камери за снимање, како и друга опрема потребна на крадците.
    Овие камери биле клучни за кражбите, бидејќи им овозможувале на крадците да снимаат внатре во бравите на сефовите и потоа со помош на снимките изработувале дупликат клучеви со кои што ги отворале сефовите.

    Судењето на Левин траеше седум дена и заврши минатата недела. Сега следува изрекувањето на казната. Тој се соочува со казна до 10 години затвор. Левин беше еден од тројцата уапсени во април 2021 година во врска со кражбите од сефови.

    Во декември 2017 година, македонски граѓани пријавија во полиција дека од сефови што ги изнајмиле во една македонска банка им биле одземени пари и предмети. Како што тогаш извести полицијата, за настанот бил известен и јавен обвинител и се спроведува истрага. Од МВР тогаш изјавија дека истрагата е во тек, кога ќе заврши ќе соопштат во јавноста.

    Нема потврда од македонските правосудни органи дали има поврзаност меѓу случајот во Америка и кражбата од банкарски сефови во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира