ОБВИНИТЕЛКАТА ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ЌЕ ИЗНЕСЕ НА СУД ДОКАЗИ ОД ПОСЕБНИ ИСТРАЖНИ МЕРКИ, ТЕЛЕФОНИ, КАМЕРИ И СЛЕДЕЊЕ ЗА УАПСЕНИОТ ДИРЕКТОР НА ЗЕМЈОДЕЛСКAТА ПЛАТЕЖНА АГЕНЦИЈА ИЛИЈА СТОИЛЕВ И ДРУГИТЕ OБВИНЕТИ ЗА ИПАРД ПРОГРАМАТА

    ОБВИНИТЕЛКАТА ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ЌЕ ИЗНЕСЕ НА СУД ДОКАЗИ ОД ПОСЕБНИ ИСТРАЖНИ МЕРКИ, ТЕЛЕФОНИ, КАМЕРИ И СЛЕДЕЊЕ ЗА УАПСЕНИОТ ДИРЕКТОР НА ЗЕМЈОДЕЛСКAТА ПЛАТЕЖНА АГЕНЦИЈА ИЛИЈА СТОИЛЕВ И ДРУГИТЕ OБВИНЕТИ ЗА ИПАРД ПРОГРАМАТАНа раководно службено лице во Агенцијата му бил ветен подарок во износ од 50.000 евра, а на уште три лица им биле дадени 5.000 евра за да го искористат своето реално влијание и службена положба за да извршат притисок за донесување одлука што не смеела да биде донесена. - Од денешното судење (Фото: СДК.МК)

    Деветмина обвинети за примање и давање мито од над 50 илјади евра, на чело со ексдиректорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, седнаа денеска на судење во Основниот кривичен суд Скопје.

    Во овој предмет има многу посебни истражни мерки (ПИ-мерки), докази од мобилни телефони, од видеокамери и слично, па судијката Ленка Давиткова на одбраната ѝ даде цел месец да изврши увид во овие докази пред да бидат дадени воведните зборови.

    Според обвинението, Џевдет Насуфи, ексминистер за правда и за локална самоуправа, е првообвинет за давање поткуп за помош од ИПАРД-програмата и се наоѓа во куќен притвор. Фејзула Фејзула и неговиот брат Амет Фејзула се обвинети за примање награда за противзаконито влијание. Јасмина Костадинова и Илија Стоилев, пак, се обвинети за примање поткуп и се наоѓаат во притвор. Обвинета е и фирмата „Сигнас агро“ од Велешта за давање поткуп.

    Обвинителен предлог за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластувањата“ во овој предмет има и за четворица службеници.

    Првообвинетиот, како управител на кривично одговорното правно лице, аплицирал на јавен повик на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на РСМ и поднел барање за користење финансиски средства преку ИПАРД-програмата. Бидејќи правното лице не ги исполнувало пропишаните услови, апликацијата била пониско рангирана и не ги исполнувала критериумите за добивање финансиска поддршка.

    Со цел апликацијата неосновано да биде повисоко рангирана и побараниот износ на финансиска помош да биде одобрен во целост, управителот, во име и за сметка на правното лице, во повеќе наврати ветувал и давал пари. На раководно службено лице во Агенцијата му бил ветен подарок во износ од 50.000 евра, а на уште три лица им биле дадени 5.000 евра за да го искористат своето реално влијание и службена положба за да извршат притисок за донесување одлука што не смеела да биде донесена.

    Во текот на истражната постапка, Обвинителството утврди кривична одговорност и кај уште четворица државни службеници вработени во Агенцијата, против кои јавниот обвинител поднесе Обвинителен предлог за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, додека на кривично одговорното правно лице на товар му се става кривичното дело „Давање поткуп“.

    Обвинетите службеници во Агенцијата, постапувајќи спротивно на своите службени обврски, овозможиле незаконско одобрување на апликацијата. Тие, при обработка и контрола на документацијата, извршиле погрешна пресметка на исполнетоста на условите и врз основа на некомплетна документација го изработиле, контролирале и одобриле Образецот за контрола на комплетност на договорот, а потоа и Решението за одобрување на финансиска поддршка.

    Второобвинетиот во Обвинителниот акт, иако бил свесен дека правното лице не ги исполнува законските услови, го потпишал решението со намера да го прими ветениот подарок.

    Поради неизменетите околности, законските основи поради кои на четворицата обвинети им беше определена мерка притвор, а на едно лице мерка куќен притвор, сè уште постојат, па со обвинението до судот е поднесен и предлог за продолжување на изречените мерки. За обвинетите државни службеници со посебен предлог се побарани мерки на претпазливост: забрана за вршење службени активности поврзани со кривичното дело во Агенцијата, одземање на патните исправи и обврска за повремено јавување кај надлежен орган.

    Исто така, со Обвинителниот акт јавниот обвинител предложи одземање на предметите употребени за извршување на кривичното дело: мобилни телефони, медиуми за складирање дигитални податоци и парични средства во износ од 35.370 евра, 206.000 денари и 200 швајцарски франци.

    Од прибраниот доказен материјал во оваа истражна постапка произлегоа индиции во однос на постапувањето со средствата од ИПАРД-програмите, за што ОЈО ГОКК отвори предистражна постапка која е во тек.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира