Претседателот Ѓорге Иванов со одлуката за помилување на политичарите кои се осомничени од Специјалното обвинителство за кривични дела што произлегуваат од прислушуваните разговори се става во ситуација на помагач на криминалци.
Обвинителот Гаврил Бубевски од тимот на Специјалната обвинителка Катица Јанева во писмото до Иванов со кое побара од него да ја поништи одлуката за негово помилување го обвини претседателот за психолошко помагање на кривично дело.
„Сакам да ви посочам и дека Јавното обвинителство на Република Македонија против едно лице води постапка за психолошко помагање на кривично дело. Дури и првостепениот суд го има прифатено таквиот став. За Ваша среќа, сега засега Апелациониот суд во Скопје не е на таа линија“ пишува во писмото обвинителот Бубевски и му објаснува на Иванов:
„Во ситуација кога помилувавте толку многу лица, притоа за некои ниту се води, за некои е поведена, а некои се и осудени, и според Вашето излагање планирате и понатаму да помилувате, јас можам да Ви укажам дека Вие во контекст на претходно кажаното вршите психолошко помагање според правните сфаќања на Јавното обвинителство на Република Македонија, и тоа речиси на сите кривични дела од Кривичниот Законик“, му пишува обвинителот Бубевски на Иванов.
Тој му укажува на председателот дека не знае што има во прислушкуваните разговори. „Тргнавте во многу опасна авантура и верувам дека се работи или за лекомисленост, или за измама спрема Вас, за да донесете таква одлука или за правна или стварна заблуда во однос и на можноста и на суштината за ваква одлука, или за некаква уцена“, пишува обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски со кое бара Иванов да го поништи решението за негово помилување како незаконско.