Јавниот обвинител на Македонија Љупчо Коцевски ги фатил вишите скопски обвинители Јове Цветановски и шефот Мустафа Хајрулахи како нестручно и несовесно одлучуваат кривично да гонат одредени обвинети, поради што им покренал дисциплинска постапка.
„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ги разгледа записникот и конечниот извештај од извршениот надзор во Вишото јавно обвинителство Скопје, како и службените белешки во прилог, и врз основа на наодите за констатираните состојби одлучи до Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на јавните обвинители да достави предлог за поведување дисциплинска постапка против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје заради нестручно и несовесно работење во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение. Предлог за поведување дисциплинска постапка е поднесен и против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети, како и поради констатираните неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје“, соопшти вечерва Љупчо Коцевски.
Претходно тој го суспендираше Хајрулахи, откако група вработени со докази го пријавија дека им се заканува, подолго време ги разместува и преместува, им зборува дека ќе летаат од работа и слично.
Хајрулахи преку Цветаноски ги запираше сите кривични постапки против поранешните обвинети функционери од ВМРО-ДПМНЕ, откако СДСМ и ДУИ со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, ги донесоа срамните измени на Кривичниот законик со кои овие функционери се спасија.
„Иницирањето на дисциплинската постапка е уште една потврда за посветеноста на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија да овозможи ефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела и да побара одговорност од јавните обвинители кои неоправдано ги одолговлекувале постапките или неоправдано се откажувале од кривично гонење“, вели Коцевски.
Јавното обвинителство закажа брифинг за новинари на 11.12.2024 година на кој ќе присуствуваат сите јавни обвинители кои имаат во работа предмети од интерес на јавноста и на кој претставниците на медиумите ќе имаат можност директно да добијат информации од надлежните јавни обвинители за нивното постапување по конкретни предмети.
Коцевски вели дека дека „со исклучителна сериозност ги зел апелите од извршната власт и од јавноста воопшто, за зголемување на активноста на сите истражни органи, а особено на Јавното обвинителство во борбата против корупцијата“.
Покрај чистење на редовите од корумпирани обвинители, Државниот обвинител Коцевски вели дека во рамките на своите надлежности, кои се од организационен карактер и не навлегуваат во предметното постапување на јавните обвинители, во моментов го реорганизира Обвинителството, за поефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела особено од областа на финансискиот криминал и корупцијата.
Во таа насока донел Задолжително упатство со кое ги задолжил сите јавни обвинители но и на сите истражни центри итно да дадат приоритет во постапувањето по предметите за корупција, но и да си ги ажурираат предметите и да видат и на тапет да ги стават инстутуциите кои им ги кочат и одолговлекуваат истрагите. Вообичаено, на прво место секогаш се вештаците од МВР.
„Ако по издадени наредби и барања од обвинител не е пристигнат одговор или соодветни податоци од надлежни институции и органи во законски определениот рок, веднаш ќе бидат испратени ургенции за итно постапување“, стои во задолжителното упатство што мора да го примени секој обвинител во Македонија.
Доколку биде констатирано неоправдано одолговлекување на постапките ќе биде извршен вонреден надзор над постапувањето на соодветните јавни обвинители, вели Коцевски.
Дополнителен чекор во оваа насока е и јакнењето на транспарентноста на Јавното обвинителство особено во постапките кои се однесуваат на кривични дела против корупцијата и се од особен јавен интерес.
Утре обвинителите од Републичкото обвинителство влегуваат во контрола на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и на шефот Ислам Абази.
С. К. ДЕЛЕВСКА