Државниот обвинител Љупчо Коцевски кој беше ставен за разрешување на денешната собраниска седница, си поднесе оставка непосредно пред нејзиниот почеток. Притоа изјави дека постапката за неговото разрешување е политичка одлука, иако Законот за јавно обвинителство го забранува тоа.
„Затоа, денеска поднесов неотповиклива оставка од функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија. Функција која што во изминатите нешто помалку од две години ја вршев чесно и достоинствено и од која заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“, рече денеска Коцевски.
Во 10 часот утрово, на само еден час пред закажаниот почеток, му била доставена покана од Собранието да присуствува на седницата на која ќе се расправа за неговото разрешување. Предлогот за разрешување воопшто не му бил доставен, за да може да одговори од собраниската говорница.
„Тоа е така затоа што е јасно дека станува збор за предлог кој не е заснован ниту на закон, ниту на факти, туку претставува опасен преседан со далекусежни последици по независноста на Јавното обвинителство. Овој предлог како основи за разрешување содржи само три реда, а ниту еден од нив нема образложение или аргументирана поткрепа. А Законот е јасен: Државниот јавен обвинител може да биде разрешен само ако се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда. Тоа е така не заради заштита на Љупчо Коцевски или на кој било друг што ќе дојде на оваа функција, туку заради заштита на самостојноста на Јавното обвинителство и начелото на поделба на власта. Принципи кои денеска се длабоко нарушени, бидејќи со ниту една постапка не е утврдено дека сум сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда, а тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење по предлогот на Владата“, рече Обвинителот во оставка.
Тој оставката ја поднел до претседателот на Собранието Африм Гаши, па сега пратениците само ќе ја констатираат.
„Најголемата критика од последниот извештај на Европската комисија беа политичките притисоци врз правосудството, кои ни ја парализираат борбата со корупцијата. Предлогот за мое разрешување е вистински пример за тоа, кој верувам ќе се најде во следниот извештај. Стојам тука пред вас само затоа што како државен јавен обвинител, отворено и јавно зборував за проблемите и за недостигот на ресурси, затоа што не се мешав во законското право на јавните обвинители на самостојно и независно одлучување“, убеден е Коцевски.
Но, и поради тоа што иницирал, како што рече дисциплински постапки и разрешувања па и кривични постапки против корумпирани обвинители или обвинители кои работат нестручно и несовесно и не ги заслужуваат обвинителската легитимација и тога.
„Тие контроли што ги направив тие се неопходни ако сакаме обвинителство кое служи на законот, а не на поединци или центри на моќ“, рече Коцевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА



