ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА КОНФИСКАЦИЈА НА СЕДИШТЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА КОНФИСКАЦИЈА НА СЕДИШТЕТО НА ВМРО-ДПМНЕВлезната врата на Белиот дворец чини над пола милион евра, бидејќи е балистичка (со балистички плочи) и е отпорна на куршуми. (Фото: СДК.МК)

    Да се прогласат обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски за виновни, а партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ изградено и луксузно опремено на криминален начин, како и неколку десетици партиски штабови низ Македонија да се конфискуваат, побара денеска обвинителот Љубомир Лапе во завршни зборови за сложениот случај со финансиски криминал „Талир 2“.

    Со незаконски стекнатите пари од ДГ Бетон, покрај седиштето и останатите недвижнини, набавена е и луксузната опрема од Италија, Лихтенштајн, Кина, Полска.

    „Дел од вградените материјали биле увезени преку фирмата на Мето Стојчевски и овие материјали и инвентар биле вградени во објектот. Така ДГ Бетон, како што преку Мето стигнувале нарачките од Груевски и Божиновски, ги набавило и вградило теписоните во вредност од околу 20.000 евра, камините во вредност од околу 20.000 евра, лустерите од околу 20.000 долари, паркетот од 90.000 евра, плочките во вредност од над 100.000 евра Сите овие вградени елементи влијаеле на цената на чинење на објектот, што ги прави неточни тврдењата дека однапред постоела пресметка и дека ДГ Бетон се раководел од економска логика при изградба на овој објект. Се раководел од апетитите на обвинетите“, кажа обвинителот Лапе.

    „Во прилог на нестандардниот квалитет на материјалите и нестандардното ниво на градба, од конечната пресметка произлегува дека објектот бил изграден по принципот клуч на рака, со тоа што за разлика од стандардното предавање на објекти по принципот клуч на рака, во овој случај објектот бил целосно опремен: од паркети, подови, камини, преку опрема во кујна како фрижидери, скара, шпорети, машина за миење садови, апарати за мраз, машина за миење чаши, блендер, тостер, микробранова печка, кафемат, фурна, системи за озвучување, монитори, компјутери, видео бимови и друга техничка опрема монтирана како дополнителна ставка во електрика. Потоа во принципот ‘клуч на рака’ имало и претплата на фиксни услуги за телеком, па се до корпи за дрва, корпи за отпад, чаши и друг ситен инвентар“, рече во продолжение обвинителот.

    Влезната врата на Белиот дворец чини богатство, бидејќи е балистичка (со балистички плочи) од над пола милион денари и е отпорна на куршуми.

    „Ќе се осврнам само на неколку примери содржани во конечната пресметка, кои упатуваат на нестандардниот квалитет и материјали вградени во партискиот штаб на ВМРО ДПМНЕ. На пример позицијата за влезната врата според конечната пресметка била од профил обложен со масив дрво храст во износ од 514.078,80 денари, а монтирани биле уште три врати обложени со масив дрво храст, па само овие четири врати чинеле околу 16.000 евра. Бил монтиран и дабов паркет класа 1 – дизајниран паркет за кој цената достигнала 13.689.869 денари или приближно 222.600 евра, а за завршната бордура е платено 1.751.760 денари или околу 28.000 евра. Инсталирани биле и балистички плочи кои чинеле 35.354.089,00 денари или околу 574.863 евра, како и систем за видео надзор за кој е платен висок износ од околу 25.000 евра, систем за евиденција на работно време за кој е платен износ од околу 100.000 евра. Дополнителната ставка за електрика во која била вклучена набавката и монтажата на системите за озвучување, компјутерите, видео бимовите и другата техничка опрема достигнала износ од 11.865.669 денари или приближно 190.000 евра“, наведе обвинителот во прилог на тоа дека одбраната лаже кога тврди дека станува збор за стандардно соинвеститорство меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДГ Бетон и за стандардна изградба „клуч на рака“..

    ДГ Бетон АД Скопје го опремил и фитнес центарот кој се наоѓа во партиското седиште на ВМРО ДПМНЕ, па така набавил и вградил трака за трчање во вредност од 874.578 денари, уште една трака за трчање во износ од 852.700,00 денари, фитнес опрема во вредност од 588.429,00 денари, точак во вредност од 404.217,00 денари, како и друга фитнес опрема како тегови, бенч клупи и различни справи за фитнес, па доколку се соберат износите, произлегува дека опремата за фитнес центарот чинела приближно 65.000 евра. Биле набавени и 25 компјутери Леново и 25 таблети Леново, како и рендгенски систем на инспекција и метал детектор врата, столици, клуб фотелји, маси, работни бироа меѓу кои и неколку работни бироа во класичен стил со цена на чинење од 63.637 денари по биро и друг мебел. Прегледот на новонабавени основни средства има вкупно 8.527 ставки и изнесува 43.270.970,00 денари или нешто над 700.000,00 евра.

    Обвинителите Ристоска и Лапе дошле и до прегледот на ситен инвентар. Вкупната сума на вграден ситен инвентар достигнала износ од околу 190.000,00 евра и како дел од набавените ставки се 6 послужавници во вкупна вредност од 156.324,00 денари, три држачи за свеќи во вкупна вредност од 46.461,00 денари, шест сета за ножеви од 106.930 денари, една вазна од топаз од 86.128,00 денари, четири чинии за супа во износ од 57.996,00 денари, чаши за кафе, тацни, десертни чинии, чаши за бело вино, коњак, пиво, виски, вода, корпи за отпадоци и друг разен ситен инвентар.

    „Обвинетите Груевски и Божиновски немале за цел да се изгради деловен објект за задоволување на целите на партијата, туку од почетокот договориле изградба на луксузен објект, како по големина и габарит, така и по опременост, а се со цел да се избегнат законските ограничувања кои важат за финансирањето на политичките партии“, заклучи Лапе.

    На почеток тој кажа дека парцелата под Жолтата куќа (старото седиште, врз кое никна Белиот дворец) не била на ВМРО-ДПМНЕ и дека партијата на чело со Груевски, во 2009 година ја купува од државата. Продавачот е Миле Јанакиески, тогашен министер за транспорт и врски. Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски го купува земјиштето во срцето на центарот на Скопје, за смешни 100 евра метар квадратен, односно за само 130 илјади евра.

    Од 2009 до 2013 година кога почнала да се гради Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ, симбол на корупцијата во партијата, Општина Центар повеќе пати го менувала Деталниот урбанистички план. Па така, како што растела парцелата, катноста на зградата што требало да му ја изгради Бетон на обвинетиот Груевски, бројот на паркинг местата, како што се менувала намената – советниците во општината кревале зелени картончиња, зависно како растел октоподот Бела палата. Со овие измени, рече Лапе, нараснала за додатни 10.000 метри квадратни површина, од првичниот проеект.

    Обвинителите Ленче Ристоска и Љубомир Лапе фатија како доказ понуда од Бетон на Минчо Јорданов, по основен проект изработен по ДУП, кој што уште не бил донесен! Потоа во градбата Бетон наводно промашува и со хотелот – лепенка што го гради заедно со седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, навлегува 5 проценти во зградата – седиште.

    Одглумената разлика Бетон ја плаќа со над два милиона евра, со кои пари Груевски и обвинетиот Кирил Божиновски купуваат триесетина објекти – штабови на партијата низ Македонија ги уредуваат и опремуваат со луксузни материјали од увоз долните катови на седиштето, каде што се кабинетите на Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Кирил Божиновски и други најблиски на Груевски од партиското раководство.

    За да ги оправдаат парите што му ги зеле на Минчо Јорданов, кој тогаш остварувал околу 80 отсто од приходите добивајќи тендери за Скопје 2014, вештото лице на обвинетите и одбраната тврдеа дека деловен простор во изградба чини 3.400 евра метар квадратен, што не е возможно. Тврдеа дека толку чинел и подрумскиот простор, потсети во завршните зборови обвинителот Лапе.

    Тој праша како може земјиштето што го купила партијата за околу 130.000 евра во 2009 година, сега според одбраната на обвинетите да вреди десетици милиони евра, а притоа партијата да не платила ниту еден денар.

    „Ваквите активности на промена на ДУП на Мал Ринг не биле случајни и истите биле во насока токму на реализација на намерата на обвинетите Груевски и Божиновски – изградба на ново партиско седиште согласно нивните очекувања, без да се води сметка за цената на чинење на новиот објект и обврските кои политичката партија ги има согласно законските прописи. Односно, да се занемари законската забрана дека политичката партија не смее да е профитна организација, да влегува во бизнис и да остварува профит“, кажа Лапе.

    Одбраната ќе дава завршни зборови пред судијката Даниела Алексовска-Стојановска на 7 јуни.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира