Постапувајќи по поднесената кривична пријава од Советот за утврдување на факти против претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, Основното јавно обвинителство Скопје побарало податоци и документи од соодветните институции неопходни за расветлување на случајот, објави агенцијата „Мета“.
„Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, тргнувајќи од наводите содржани во кривичната пријава на Советот за утврдување на факти против лицето за кое покажувате интерес, достави барања до соодветни институции за прибирање податоци и документација неопходни за расветлување на случајот“, велат ОЈО за „Мета“ за прашањата дали е прифатена кривичната пријава, дали е отворена постапка и во која фаза е таа.
Кривичната пријава Советот ја поднесе на 28 септември, откако две недели претходно Вангеловски не им дозволи на членовите на комисијата која ги истражува околностите за бегството на Горан Грујевски и на Никола Бошкоски, да влезат во Врховниот суд и да извршат увид во списите од предметите „Таргет“ и „Тврдина“.
Комисијата што ја формираше Советот треба да утврди дали судии од Кривичниот, Апелацискиот и од Врховниот суд, кои одлучувале по барањата за притвори на СЈО, ја прекршиле постапката и им овозможиле на поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујевски, и на Никола Бошкоски, вработен во УБК, да побегнат од државата.