АД ЕЛЕМ не побара зголемување, ниту намалување на цената на електричната енергија, но директорот Христијан Мицкоски очекува граѓаните од следниот месец да плаќаат малку помали сметки за струја. Новата цена на струјата што Регулаторната комисија ќе ја утврди до крајот на јуни, а ќе важи од јули се пресметува според статистичка методологија на трошоците што енергетските компании ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН Македонија ги доставуваат до Регулаторната комисија.
Минатата година струјата поевтини за 0,25%, додека претходно за 0,33 %.
„Очекувам малку да се намали цената на електричната енергија, нешто слично како што се намали минатата година. Ние, како што предвидува законскиот рок на 15 мај доставивме пресметки до Регулаторна. Од тогаш до сега ништо не е сменето во делот на производствената цена“, вели Мицкоски.
Генералниот директор на Електрани на Македонија Христијан Мицкоски вели дека загубите од увозот на скапа струја во јануари годинава поради екстремно ниските температури, компанијата ги покрила со зголеменото производство, со поевтиниот увоз во март и април годинава, како и со извозот во ноември и декември минатата година.