ПОСРЕДНИКОТ ЗА ПЛАЦЕВИТЕ НА ВОДНО СЕ НАДЕВАШЕ НА ПРОВИЗИЈА, АМА МУ КАЖАВ ДА НЕ СЕ МЕШАМЕ ОТИ ИМАМЕ РАБОТА СО МОЌНИ ЛУЃЕ, СВЕДОЧЕШЕ АЛЕК ТЕРАНОВА

    ПОСРЕДНИКОТ ЗА ПЛАЦЕВИТЕ НА ВОДНО СЕ НАДЕВАШЕ НА ПРОВИЗИЈА, АМА МУ КАЖАВ ДА НЕ СЕ МЕШАМЕ ОТИ ИМАМЕ РАБОТА СО МОЌНИ ЛУЃЕ, СВЕДОЧЕШЕ АЛЕК ТЕРАНОВАБизнисменот Александар Ивановски на денешното судење за „Плацеви на Водно“. (Фото: СДК.МК)

    Денешното судење за „Плацеви на Водно“ почна со сведочењето на бизнисменот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова, кој кажа дека по замолница на обвинетиот Сашо Мијалков презел активности да основа фирма во Македонија, а потоа и да прашува во Општина Центар за ДУП и ГУП во врска со плацевите на Водно, кои што се предмет на овој судски процес.

    „По игра на случајност, имам преземено активности по замолница на мојот добар пријател Сашо Мијалков, за негов пријател да потпишам основање на фирма овде во Македонија. Како за секое добро пријателство, го потпишав документот во адвокатската канцеларија Марков-Чупиќ“, го почна сведочењето Ивановски.

    „Кое правно лице беше основано со ваш потпис?“, праша обвинителката Лиле Стефанова.

    „Не можам да се сетам, ирелевантно беше за мене. Јас само потпишав за пријател на мој пријател. Документот беше веќе готов кога отидов во канцеларијата“, одговори сведокот.

    „Кој беше управител на фирмата?“, праша Стефанова.

    „Тој документ, пошто беше за офшор компанија служи само да се даде овластување на некој правник да ја регистрира во Македонија. Толку е“, одговори тој.

    „Кој е управител на таа фирма?“, пак праша Стефанова.

    „Подоцна дознав дека таа фирма ‘Сирах’ е офшор компанија регистрирана тука како ‘Сирах инженеринг’, а управител дека е Ристо. Ми кажа Сашо, рече дека ќе има таа фирма овде некои активности“, кажа Ивановски.

    Во продолжение одговори дека адвокатот Лазар Бошњаковски го викнал и му понудил плац на Водно од 11 илјади квадрати по цена од 1,5 милиони евра, катастарски извод од плацевите, со сопственици кои сега живеат во Црна Гора.

    Бошњаковски беше првиот сведок на обвинителството, сведочеше на минатото рочиште и тој е линкот што ги поврзал сопствениците на плацевите со обвинетите и со сведокот Александар Ивановски.

    Тој потоа одговори дека отишол во Општина Центар, му кажале дека плацот е неурбанизиран.

    На прашање на Стефанова во продолжение кажа дека во една прилика, кога седел во друштво со Сашо Мијалков, спомнал дека се нуди плац на Водно, огромен, за многу ниска цена од 1,5 милиони евра.

    „По месец дена ме праша Сашо дали тој плац е продаден и дали уште се продава. Му кажав ќе проверам. Го прашав зошто ме прашува. Ми рече еден мој пријател е заинтересиран да го купи. Се сретнав со Лазар Бошњаковски, кој беше посредник, му кажав дека има заинтересиран купувач. Тој се надеваше на провизија како посредник. Му кажав: ‘Лазе, ни ти, ни јас овде не треба да се мешаме. Ова се моќни луѓе, треба да се тргнеме на страна’“, продолжи Ивановски со сведочењето.

    Но, иако се откажале од процент за посредништво, Александар не се тргнал веднаш, првин го обезбедил лицето за контакт Горан од Будва, пријател на Бошњаковски. Горан дошол во Скопје, тој бил претставник на сите сопственици на парцелите што го формираат тој плац од 11.000 метри квадратни. Тие парцели биле земени со денационализација.

    „Дали го пренесовте тој разговор и прошетката до плацевите?“, праша обвинителката.

    „Да, се видов со Сашо, му кажав кај бев и околу условите за продажба, ми кажа: ‘во ред, ќе му пренесам на мојот пријател’. По неколку дена ми кажа : ‘Да, пријателот сака да го купи плацот’. Не ми кажа име на пријателот. Ми рече само да му се јавам на Ристо Новачевски. Му се јавив, не го познавав дотогаш Му кажав да се видиме додека лицето Горан од Црна Гора е тука, да се направи купопродажен договор. Тогаш ми кажа Ристо дека е управител на ‘Сирах инженеринг’, ќерка на ‘Сирах’ офшор. Ги сретнав со Горан. Се виде дека Ристе нема искуство со овие работи уплашен беше, што е за право. Бев со него на средбите со Горан“, раскажуваше Ивановски.

    „Бевте присутен во нотарската канцеларија кога се потпишуваше купопродажен договор?“, праша Стефанова.

    „Бев. Јас, Ристе, Горан и пријателката на Горан. Бев таму зашто видов дека Ристо нема искуство, па да видам што ќе потпише, да не го изиграат. Бидејќи беа повеќе лица што продаваат, требаше на повеќе сметки тие пари да бидат исплатени“, одговори сведокот.

    „Дали имавте обврска до одите во Центар и да прашувате за ДУП-от и ГУП-от во врска со ова земјиште?“, праша Стефанова.

    „Бев еднаш по замолница на Сашо да бидам тој плац дали е внесен како градежно земјиште. Отидов еднаш, проверив по негова замолница, видов дека е влезен во градежно земјиште и во ДУП-от Тасино Чешмиче, со можност за градење. Во 2015 година ги слушнав тие плацеви во бомбите. Му се јавив на Сашо и му кажав дека јас мислев оти се за него, а тоа било за ‘пријател’, за Никола Груевски. ‘Гледаш дека не те лажам, дека не се за мене’ ми рече тој“, одговори сведокот.

    „Кој ги купи овие плацеви во 2015 година?“, праша обвинителката.

    „Од медиумите дознав дека плацевите ги купил господинот Јордан Камчев. Го прашав зошто ги купи, што ти требаше тоа кога тој плац е озрачен? Па вика: ‘морав, зошто да не’“, одговори Ивановски.

    Случајот „Плацеви на Водно“ е за плацевите што ги купил поранешниот премиер Никола Груевски на Водно, неурбанизирани за 1,2 милиони евра, со пари за кои е обвинет дека ги украл од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ што мислеле дека даваат за партијата.

    Тие пари од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, потоа Груевски, според обвинението, ги испрал со помош на сообвинетите: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, кумот на Груевски Ристо Новачевски, адвокатот на Орце Ненад Јосифовиќ и мајката Ратка Куновска – Камчева.

    Сведочењето на Ивановски продолжува.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира