МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО ЌЕ НИ ДАДЕ 8 КОМБИЊА ДА ГИ ПРЕНАМЕНИМЕ ЗА БРЗА ПОМОШ ОТИ НЕ ИМ ТРЕБАЛЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО ЌЕ НИ ДАДЕ 8 КОМБИЊА ДА ГИ ПРЕНАМЕНИМЕ ЗА БРЗА ПОМОШ ОТИ НЕ ИМ ТРЕБАЛЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ„Годишно од трите медицински факултети во земјава дипломираат 250 млади лекари. Со измените на Законот за здравствена заштита и задолжителниот шестмесечен стаж во Итната медицинска служба откако ќе бидат лиценцирани од Лекарската комора, практично ќе имаат платена работа и ќе учат од постарите колеги. Со тоа ќе ги стимулираме да останат во државата“, рече министерот за здравство Венко Филипче (Фото: Ѓ. Личовски)

    Службите за итна медицинска помош до крајот на месецот ќе ги добијат новите амбулантни возила, кои Министерството за здравство ги набави лани, а дополнително ќе бидат пренаменети уште 8 возила во амбулантни, ова денес го кажа министерот за здравство Венко Филипче, на дводневната едукативна обука за Итна медицинска помош и менаџирање на ресурси. Тој рече дека наскоро 12-те нови амбулантни возила ќе бидат распределени насекаде низ државата, а најмногу во Скопје и дека од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство добиле информација дека имаат на располагање 8 комбиња, кои биле набавени за друга намена.

    „Тие може да се пренаменат и да бидат амбулантни возила, односно треба да се доопремат. Министерството за земјоделство не ги користи овие возила и со одлука на Влада ќе ги преземеме и ние. Овие возила иако се стари неколку години, практично не се користени и соодветни се да се користат како солидни амбулантни возила. Со тоа значајно ќе го надополниме целокупниот систем на Итна помош во државата. Тие биле предвидени за нешто друго и ние ќе ги добиеме за пренамена“, рече Филипче.

    Тој кажа дека за да се подобри функционирањето на службите за итна медицинска помош не се проблем само возилата, туку и кадарот и дека по изборите во Здравствен дом Скопје ќе вработат 40 нови доктори, а најави вработувања и во останатите служби за итна медицинска помош.

    „Сите млади лекари по лиценцирањето и по завршување на стажот во Лекарската комора ќе добијат шанса за вработување токму во оваа служба. Сите доктори кои ќе завршат во оваа служба ќе добијат платено работно место за време предвиденото време од стаж 6 месеци согласно измените во Законот за здравствена заштита. Ова е стаж кој што доаѓа по тој на клиниките, тоа е практично платена работа, со што ги задржуваме во нашиот систем и ги стимулираме да останат во државата и да учат од постарите колеги. Значајно ќе го надополниме бројот на доктори што недостасува. Годишно во нашата држава од трите медицински факултети дипломираат близу 250 млади доктори и за нив се обезбедени средства и веднаш по завршувањето, односно лиценцирањето ќе бидат внесени во нашиот здравствен систем“, рече Филипче.

    Тој рече дека во тек е изработката на физибилити-студијата за јавно-приватно партнерство, која ќе покаже дали таков модел на функционирање може да се примени и тука.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира