Од 24 октомври, најзагрозените граѓани кои живеат од социјална помош се одвраќаат од Министерството за труд и социјална политика, зашто наводно имало проблеми во системот на катастарските служби. Никој не знае како живеат без овие единствени минимални примања, поради што Народниот правобранител Насер Зибери денеска ѝ прати писмо на министерката Јована Тренчевска, како знае веднаш да го реши проблемот со неисплатата на месечната социјална помош на овие луѓе.
Не е само финансиската помош во прашање, туку и остварувањето на другите уставни и законски права, како што е правото за здравствена заштита, субвенционирање и друг вид на помош од државата.
„Народниот правобранител од анализата на предметното работење, непосредниот увид во надлежните центри за социјална работа како и извршените разговори со овластените службени лица кои непосредно постапуваат по поединечните предмети, констатира дека подолг период постои застој во одлучувањето на центрите за социјални работи, поради ’проблеми во системот’ на катастарските служби. Народниот правобранител констатира дека од месец октомври, поточно од 24.10.2022 година, сериозно се попречува работата на центрите за социјална работа при преземање на службените податоци од Агенција за катастар на недвижности поради наводни проблеми во системот. Народниот правобранител смета дека ваквата состојба е недозволива и директно се одразува на остварувањето на легитимните права на подголема група на граѓани која и онака се наоѓа во многу тешка финансиско-материјална состојба и во изразит социјален ризик. Поради ненавремено постапување на надлежните центри за социјални работи, на оваа категорија на граѓани им се оневозможува и остварувањето на другите уставни и законски права, како што е правото за здравствена заштита, субвенционирање, добивање финансиска и друг вид на помош од државата и слично“, стои во укажувањето на Омбудсаманот Зибери до Тренчевска.
Ваквата состојба, вели тој, предизвикува неоправдано одолжување и на постапките за остварување права по основ на заштита на децата и социјалната сигурност на старите лица, бидејќи и за таа цел центрите за социјална работа треба по службена должност да обезбедат податоци од Агенцијата за катастар на недвижности.
Народниот правобранител укажува дека согласно член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Републиката, исто така, им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните граѓани за работа, им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.
„Без оглед со какви објективни и субјективни проблеми се соочува еден државен управен орган, за Народниот правобранител е неприфатливо во едно демократско општество каде треба да владее правото и правната сигурност на граѓаните да не се почитуваат овие темелни уставни вредности“, ѝ се обраќа денеска јавно Зибери на министерката и бара веднаш и без одлагање, во рамките на нејзините надлежности и во соработка со Агенцијата за катастар на недвижности, да преземе мерки за надминување на овој сериозен проблем.
За преземените мерки за спроведување на оваа укажување, вели тој, „должни сте да го известите Народниот правобранител најдоцна во рок од 5 дена од денот на неговиот прием“.
С. К. ДЕЛЕВСКА