Првата делница на проектот „Градски воз“, на линијата од Зелениково до Транспортниот центар во Скопје, ќе биде пуштена во редовна употреба на 1 септември годинава. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при денешниот увид во градежните работи изјави дека првата фаза ќе биде градежно завршена до јуни, по што во текот на летото ќе се вршат потребните тестирања.
Досега се реализирани 65 проценти од предвидените активности на оваа траса долга 25 километри, која ги поврзува населбите Драчево, Ново Лисиче, Аеродром и Кисела Вода со главната железничка станица. Николоски вели дека со пуштањето на возот во функција со почетокот на учебната година ќе се овозможи значително растоварување на патниот сообраќај и намалување на загадувањето на воздухот.
Наместо првично планираните три фази, Владата одлучи преостанатите две линии, кон Илинден и кон Сарај, да се градат истовремено преку еден заеднички тендер. Со оваа промена се очекува целиот проект да биде комплетиран една година пред предвидениот рок, односно трите линии да бидат функционални до крајот на 2027 година. Според планот, возовите ќе сообраќаат на секој час, а возниот ред ќе биде координиран со автобусите на ЈСП. Министерот вели дека цената на билетот ќе биде достапна за граѓаните и нема да ги надминува износите што сега се плаќаат за автобуски превоз до најоддалечените дестинации во градот.
Директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, изјави дека во тек е замена на старите дрвени прагови, од кои некои датираат уште од 1959 година, со нови бетонски прагови. Оваа техничка надградба ќе овозможи возовите да се движат со брзина од 80 до 90 километри на час, што е значително подобрување во однос на сегашните 20 до 30 километри на час. Дополнително, до летото целосно ќе бидат модернизирани и патните премини кај Драчево за да се подигне нивото на безбедност.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека проектот е важна алтернатива за скопјани и дека неговата реализација оди со импресивна динамика. Тој додаде дека паралелно со железничкиот проект, во тек е постапка за набавка на 100 нови автобуси, а се планира и реализација на БРТ системот, со што до 2029 година јавниот превоз во главниот град треба да добие целосно нов лик.



