ОД ЦЕНТАРОТ ЗА ДЕКУБИТИ НА ГЕРИЈАТРИЈА САМО ПАЦИЕНТИ СО ОТВОРЕНИ РАНИ СЕ ПРЕПРАЌААТ НА КЛИНИКИТЕ ЗА КОЖНИ БОЛЕСТИ И ПЛАСТИЧНА ХИРУРГИЈА

    ОД ЦЕНТАРОТ ЗА ДЕКУБИТИ НА ГЕРИЈАТРИЈА САМО ПАЦИЕНТИ СО ОТВОРЕНИ РАНИ СЕ ПРЕПРАЌААТ НА КЛИНИКИТЕ ЗА КОЖНИ БОЛЕСТИ И ПЛАСТИЧНА ХИРУРГИЈА„Иницијалната определба на заводот е унапредување на геријатриска и палијативна грижа, и бараме во иднина проширување на капацитетите на установата за вакви пациенти. Во моментов на листа на чекање за прием во Заводот има 100 пациенти“, вели директорката на Геронтолошкиот завод Салија Љатиф (Фото: МИА)

    Третман на отворени рани или декубити во Геронтолошкиот завод во Скопје добиваат само пациенти кои се сместени во оваа јавна здравствена установа, како и пациентите кои претходно добивале ваква нега во домашни услови од вработените во Заводот. Останатите пациенти кои ќе се јават во амбуланта ги прегледува дерматовенеролог и потоа ги упатуваат на Клиниката за кожни болести и на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

    „Во однос на информацијата која излезе во медиумите, ве известуваме дека пациенти во ЈЗУ Геронтолошки Завод ’13 Ноември’ – Скопје се соодветно третирани и се згрижени согласно европските препораки за геријатрија и палијатива. Тоа се пациенти кои се згрижени во установата поради други заболувања: интернистички, невролошки, карциноми, и кои поради неподвижноста и мултиморбидитете развиваат декубити и соодветно се третираат. Центарот за декубити и домашна посета за третман на пациенти со декубити во домашни услови не е укинат во Геронтолошки завод“, велат од Министерството за здравство.

    Бројот на пациенти кои се упатуваат исклучиво за третман на декубити во изминативе месеци е намален и овие пациенти се упатуваат на Клиника за дерматологија, и на хирушките клиники, односно васкуларна и пластична хирургија, за да добијат мултидисциплинарен третман, велат од Министерството.

    Директорка на Геронтолошки Завод „13 Ноември“ Скопје Салија Љатиф вели дека Заводот е единствената јавна здравствена установа во Македонија која дава здравствена заштита и услуги за геријатриски и палијативни пациенти и дека иницијалната определба на Заводот е геријатриска и палијативна грижа. Таа вали дека најтешките пациенти кои се сместени кај нив, поради тоа што долго време се во лежечка состојба развиваат декубити, и за нив има соодветен третман на антидекубитални душеци и соодветна грижа. Во Заводот во моментов, како што вели Љатиф, има еден доктор на специјализација по дерматовенерологија, а установата склучила и договор со Клиниката за кожни болести од каде еднаш неделно во амбуланта доаѓа доктор и ги прегледува пациентите во стационарот и сите што ќе се јават во амбуланта.

    „Иницијалната определба на Заводот е унапредување на геријатриска и палијативна грижа, и бараме во иднина проширување на капацитетите на установата за вакви пациенти. Во моментов, на листа на чекање за прием во Заводот има 100 пациенти. За пациентите кои имаат потреба од третман исклучиво на декубитални промени, во иднина ќе одиме во насока да се третираат мултидисциплинарно во соодветни здравствени установи“, вели Љатиф.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира