Драстично е намален бројот на сообраќајни прекршоци што дневно ги регистрираат камерите на „Безбеден град“, кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски. Ако во првите денови кога камерите почнаа да снимаат биле регистрирани и по 100.000 прекршоци дневно, сега таа бројка е намалена на 2.000-3.000.
„Проектот ‘Безбеден град“ ги постигнува своите хумани цели. Бројките за јануари се уште поохрабрувачки во споредба со декември. Тоа значи дека имаме повеќе спасени животи, помалку сообраќајни несреќи и побезбеден сообраќај“, рече Мицкоски на отворањето на проширениот дел на основното училиште „Блаже Коневски“ во Општина Аеродром.
Мицкоски кажа дека проектот „Безбеден град“ ќе стартува на 1 февруари, а во наредните три до шест месеци ќе се имплементираат оние работи за кои ќе се покаже дека недостасуваат.
Од 20 јануари ќе се тестираат камерите од проектот „Безбеден град“. Додека се тестираат камерите, крстосниците каде што ќе се работи ќе бидат блокирани и возилата ќе се пренасочуваат по други улици. Тестирањата ќе се реализираат секој ден од 8 до 20 часот.
Системот ќе функционира со фиксни камери, кои ќе регистрираат брзина на движење, поминување на црвено светло и нерегистрирани возила, а ќе биде дополнет со специјализирани полициски возила опремени со уреди за снимање, кои ќе се движат низ градовите и ќе документираат непрописно паркирање и други прекршоци. Сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе можат да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци, за кои е пропишана и забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.
А. АНТЕВСКА



