ОНКОЛОГИЈА СО БУЏЕТ ОД 57 МИЛИОНИ ЕВРА ВО 2026 ГОДИНА, ПАЦИЕНТИТЕ СО РАК ЖИВЕАТ ПОДОЛГО ПОРАДИ НОВАТА ТЕРАПИЈА, ВЕЛИ КЛЕКОВСКИ

    ОНКОЛОГИЈА СО БУЏЕТ ОД 57 МИЛИОНИ ЕВРА ВО 2026 ГОДИНА, ПАЦИЕНТИТЕ СО РАК ЖИВЕАТ ПОДОЛГО ПОРАДИ НОВАТА ТЕРАПИЈА, ВЕЛИ КЛЕКОВСКИБуџетот на Клиниката за радиотерапија и онкологија за 2026 година изнесува околу 57 милиони евра, што е за 14 отсто повеќе од минатата година. (Фото: СДК.МК)

    Пациентите со рак на дојка, на бели дробови и меланом живеат подолго во споредба со пред неколку години благодарение на поквалитетниот третман, воведувањето нови лекови и зголемениот буџет за лекување на Клиниката за радиотерапија и онкологија. Како што велат директорите на Клиниката и на Фондот за здравствено осигурување, д-р Игор Стојковски и Сашо Клековски, овие болести веќе почнуваат да се сметаат за хронични состојби, бидејќи смртноста е намалена.

    Иако годишниот број на нови случаи останува релативно стабилен, вкупниот број на пациенти кои се под активен третман прогресивно се зголемува. Кај ракот на дојка, бројот на пациентки пораснал од 5.000 на 7.000, додека кај канцерот на бели дробови од 1.200 во 2020 година, бројката се искачила на 1.743 лица. Најдрастичен пораст на преваленцата е забележан кај меланомот, каде што годинава се третираат 514 пациенти, за разлика од околу 200 пред пет години. Бројот на новодијагностицирани со овој вид рак пораснал од 63 во 2020 на 174 во 2025 година.

    Д-р Стојковски вели дека ваквото кумулирање на бројот на пациенти се должи на ефикасноста на иновативната терапија и на поголемите финансиски средства кои се издвојуваат по пациент. Директорот на ФЗО, Клековски, изјави дека постои јасна корелација меѓу вложувањата во терапијата и продолжувањето на животот на болните. Буџетот на Клиниката за 2026 година изнесува околу 57 милиони евра, што е за 14 отсто повеќе од минатата година и значително зголемување во однос на периодот до 2017 година, кога за оваа намена се издвојувале по 10 милиони евра годишно.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира