ОПФАТОТ СО ХПВ ВАКЦИНА СТИГНА ДО 60 ОТСТО, РАСТЕ СВЕСТА КАЈ МЛАДИТЕ И РОДИТЕЛИТЕ, ВЕЛИ КООРДИНАТОРКАТА ЗА ИМУНИЗАЦИЈА Д-Р ГРОЗДАНОВА

    ОПФАТОТ СО ХПВ ВАКЦИНА СТИГНА ДО 60 ОТСТО, РАСТЕ СВЕСТА КАЈ МЛАДИТЕ И РОДИТЕЛИТЕ, ВЕЛИ КООРДИНАТОРКАТА ЗА ИМУНИЗАЦИЈА Д-Р ГРОЗДАНОВАЗдравствените власти се задоволни што расте свеста за ХПВ имунизацијата кај младите и кај родителите. (Фото: К. Попов)

    Опфатот со ХПВ вакцина во Македонија стигна на 60 отсто, вели проф.д-р Александра Грозданова, национална координаторка за имунизација. Според последните информации, во 2023 беше 58, 6 отсто, откако во време на ковид пандемијата падна на 35, 5 отсто.

    „Со задоволство морам да кажам дека веќе и бројките одат со добар тренд нагоре. Веќе сме на процентот од 60% опфат со оваа вакцина, бидејќи долги години наназад не можевме да стигнеме до овој процент. Во регионот сме помеѓу лидерите, бидејќи и првпат помеѓу првите ја воведовме ХПВ вакцината“, рече проф. д-р Грозданова на настанот за одбележувањето на Неделата за подигнување на свеста за борбата против ракот на грлото на матката, што го организираа Македонското лекарско друштво и Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија.

    ХПВ вакцината е една од двете вакцини која што спречува карцином. Покрај инфекција со ХПВ како инфекција, вели таа, спречува и развивање доминантно на цервикалниот карцином, меѓутоа и на добар друг број на карциноми асоцирани со ХПВ имунизацијата.

    „2025- та ја одбележавме со комплетно преоѓање на деветвалентната ХПВ вакцина. Воведовме оваа вакцина и за момчињата, ако досега товарот беше и фокусот беше ставен само на девојките, сега имаме имунизација и за момчињата. Она што е добро дека го зголемивме и временскиот период кога оваа вакцина може да се прима. Зошто? Затоа што родителите најчесто немаа против, меѓутоа и одложуваа временски оваа вакцина, така да сега на товар на државата се вакцинираат сите момчиња, девојчиња до 19 годишна возраст. Исклучително е добро што гледаме дека кај младите се развива свеста. Веќе едукациите со здравствените работници доведоа до едно подигање на свеста, бидејќи и од нив имавме некаква стигма за прифаќање на оваа вакцина, но сега се спуштаме на ниво на разговор и едукација на родителите и младата популација. Се надеваме дека со такви интензивни мерки навистина ќе имаме исклучително битна превенција за да не дојдеме до овие случаи на цервикалниот карцином. Во пораст е, морам да кажам, и орофарингеалниот карцином (н. з. рак во средниот дел на грлото)  кој која што оваа вакцина исто така обезбедува заштита“, кажа проф. д-р Грозданова.

    Раководителката на Одделението за малигни генитални тумори кај жената на Клиниката за радиотерапија и онкологија, проф. д-р Виолета Клисаровска, кажа дека расте бројот на заболени од рак на грлото на матката. Според најновата клиничка епидемиолошка статистика на Клиниката, за разлика од 2024 кога имало 74 пациентки, во 2025 имале 122 пациентки кои по првпат со оваа дијагноза се јавиле во Клиниката.

    „Уште посериозен станува здравствен проблем ако кажам дека прилично висок процент од 70 па и до 80% од овие пациентки се јавуваат во локално напредната болест најмалку, односно во еден значајно екстензивен процес на болеста кога навистина и најмногу труд и најдолг и најекстензивен е и третманот и се трошат и најмногу финансиски средства. Медицината секако дека го надополнува стандардниот третман на цервикалниот карцином со воведување на повеќе групи на нови лекови. Меѓутоа, најсилното и најмоќното оружје коешто го имаме за превенција во борба со оваа болест е точно ХПВ вакцинацијата. Што поширока популација да биде благовремено вакцинирана, регуларен скрининг програм кој сериозно треба да се спроведува и да опфати што поширок дел од популацијата. Мислам дека овие две можности ни се најсилното оружје во кое со кое треба да се бориме и сериозно да разговараме за цервикалниот карцином“, рече проф. д-р Клисаровска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира