Општините во Македонија наголемо ги злоупотребуваат своите дискрециони овластувања и „од ракав“ делат пари на поединци и здруженија на граѓани, кои најчесто не се ни именувани, покажа истражување на Центарот за управување со промени (ЦУП). Спроведено во скопските Општини Карпош, Кисела Вода и Центар и во Општина Кичево, истражувањето насловено „Дискреционите овластувања како потенцијален ризик од корупција“ откри бројни небулози и алармантно ниво на незаконско распределување буџетски средства без одлука, образложение, критериуми и транспарентност.
„Општините дискреционо одлучуваат за што ќе ги дадат парите, од лекување болно дете до поправка на ограда, во кој износ ќе биде тоа и тука буквално нема ништо законски. Во најголем број случаи нема никаква постапка, за критериуми и да не збориме, нема шанси да најдете образложена одлука. Ако Општината му дала 13 милиони денари на еден спортски клуб, нема објаснување зошто баш толку пари. Сумите се вадат од ракав“, вели Југослав Ѓорѓиевски од ЦУП, еден од авторите на истражувањето.
Од ЦУП додаваат дека за нивниот извештај пронашле само четири-пет одлуки.
Овие овластувања по правило треба да се користат ретко и се образложуваат со потребата од заштита на јавниот интерес. Меѓутоа, во пракса, користењето на дискреционите овластувања е многу раширено, не само кога законот го дозволува тоа, туку и во случаи кога нема никаков законски основ за нивно користење. Поради сето ова, тие претставуваат еден од најголемите ризици за корупција, смета ЦУП.
„Овдека работевме строго со пари за да видат луѓето колкави суми се делат“, појасни Ѓорѓиевски.
Во извештајот е наведено дека Општина Карпош во 2023, меѓу другото, дала пари за замена на азбестен кров на три индивидуални станбени објекти, наградила здравствени работници, вработени во општинската администрација за постигнат успех на синдикални спортски игри, како и други лица за спортски успеси.
„Притоа нема никакво образложение на одлуките, ниту за кого станува збор. Има и една одлука за доделување 300.000 денари на здружение на граѓани, но не знаеме кое“, велат од ЦУП.
Посебна ставка во извештајот е финансиска поддршка за спортски клубови и организации. Така Општина Центар, меѓу другото, лани дала 650.000 денари за спортски игри и 13.000.000 денари за КК Работнички, а Општина Карпош издвоила милион денари за поддршка на спортски клубови, 300.000 денари за ФК Лепенец, 500.000 денари за семејни спортски игри и 700.000 денари за жители на Карпош кои се занимаваат со спортска рекреативна дејност. Општина Кичево дала 3.000.000 денари за екипни спортови и 600.000 денари за спортски школи.
ЦУП го посочи и случајот од Општина Карпош за субвенционирање на полагање возачки испит.
„Општината никаде нема објавено јавен повик во форма на управен акт, ниту пак одлука на Советот на Општина Карпош со која се утврдува оваа надлежност на Општината. Бидејќи овие акти не се објавени, не може да се утврди врз основа на која законска одредба Општината го објавува јавниот повик, за кој има издвоено 7.000.000 денари (113.636 евра) од својот буџет“, велат од ЦУП.
Г. КОНЕВ