Осуммина пациенти со потврдена западнонилска треска се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, додека викендов е регистриран осмиот смртен случај поврзан со овој вирус. Директорот на Клиниката, Фадил Цана, кажа дека станува збор за 70-годишен пациент, кој на 25 август бил примен во тешка состоба.
„Во текот на викендов е регистриран еден смртен исход, пациент кој беше примен на Клиниката на 25 август во изразено тешка општа состојба. Веднаш по приемот беше сместен во Одделот за интензивно лекување, интубиран и беше на механичка вентилација. За целиот овој десетдневен престој пациентот беше во изразено тешка општа состојба“, кажа Цана.
Од осумтемина хоспитализирани пациенти, двајца се со потешка клиничка слика и се наоѓаат на Одделот за интензивно лекување. Цана додаде дека освен еден пациент од Свети Николе, сите останати се од Скопје и имаат над 60 години.
Тој истакна дека веќе четири дена не е примен нов пациент со потврдена западнонилска треска на Клиниката за инфективни болести.



