Законските и подзаконските одредби кои се со ситни букви на договорите што ги потпишуваат граѓаните со телекомуникациските оператори, а кои им овозможуваат самоволно да укинуваат договорени пакети и да воведуваат поскапи тарифи, се оспорени пред Уставниот суд.
Иницијативата е на адвокатката Александра Илиева-Милчова од Скопје, на која еден од операторите ѝ вметнал фиксна телефонија пред истекот на двегодишниот договор (услуга што не ја барала), за да ѝ наплаќа повисоки сметки.
Илиева-Милчова лани го добила спорот пред Агенцијата за електронски комуникации, но до денеска, вели таа, тој оператор не ѝ го вратил стариот пакет за кој имала потпишано договор. Таа вели дека од тие причини се префрлила кај друг оператор, но во договорот со оваа компанија стои истата одредба, да може кога сака да да изврши измени во пакет-услугата за која е склучен договорот.
Поради овие злоупотреби преку монополската позиција на операторите, Илиева-Милчова ги оспорила законските одредби и членовите во Правилникот кои им овозможуваат на компаниите без прашање и без согласност на корисниците, да ги дерат преку сметки и да стекнуваат поголеми профити.
„Иницијативата што ја поднесов до Уставниот суд во февруари, е против Законот за електронски комуникации и против Правилникот кои овозможуваат во претплатничките договори кои сите ги потпишуваме, да стои одредба дека операторот може во секое време да ги промени условите. Тоа корисниците не го знаат и мислат дека потпишуваат фиксна претплата, а всушност таа може да се промени во секое време. Тоа се злоупотребуваше лани летото од една од најголемите телефонски компании. Ми се случи да ми ја зголемат претплатата. АЕК двапати ми ги усвои приговорите, но компанијата не постапуваше по Решенијата и не го врати стариот модел. АЕК не ја казни и на крајот, поради подобра понуда јас конечно се префрлив во друга компанија. Но, и таму е истата одредба и сега и тие може исто да постапат и да ги зголемат цените во секој момент, со изговор дека укинале пакет, дека сега тој не постои и мора да се мигрира на поскап“, вели подносителката на иницијативата, која е со предлог за времена мерка.
Со оспорениот член 107 став 2, граѓаните се ставаат во нерамноправна положба пред операторите, кои имаат монополска позиција на пазарот.
„Иако претплатникот навидум склучува договор каде тој плаќа и за возврат добива услуги по наведени цени во договорот, тие услови и цени може да се променат во секое време и без знаење на претплатникот и да му бидат доделени нови услуги по нови цени, под временски обврзувачки договор, а неговото непроизнесување по ваквото известување, значи и прифаќање. Тоа си стои во Правилникот“, вели Илиева-Милчова во иницијативата и предупредува дека е отворена можност за кривично дело Измама од страна на телефонските, т.е. интернет-операторите.
Таа го оспорила и членот во Правилникот кој им овозможува заработувачка на операторите од хакерските напади на телефонските броеви. Пропишано е операторот да не го известува корисникот ако износот не надминува 1.000 денари. Со тие напади, вели подносителката, се зголемуваат сметките на операторите. Таа бара хакираниот корисник веднаш да биде известен, а не по штета од над 1.000 денари.
Од Уставниот суд добивме одговор дека за оваа иницијатива е оформен предмет и на него се работи.
С. К. ДЕЛЕВСКА