ПАРТИИТЕ НЕ УСПЕАЈА ДА ДОГОВОРАТ НИ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИСКАТА КОМИСИЈА

    ПАРТИИТЕ НЕ УСПЕАЈА ДА ДОГОВОРАТ НИ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИСКАТА КОМИСИЈА

    Прекината е координацијата на парламентарните партии со претседателот на претходниот парламентарен состав, Трајко Вељаноски и ќе продолжи утре, бидејќи партиите не успеаја да се договорат кој да биде претседател на Комисијата за избори и именување.

    Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски по седницата изјави дека досега, секогаш претседателот на оваа комиија доаѓал од редовите на партијата која има добиено најмногу мандати. Тој истакна дека ако останатите партии се согласат, тие се подготвени уште утре да го предложат и изберат претседателот на комисијата за избори и именување. Тој кажа дека доколку некој мисли со сила да изгласа претседател на комисијата ќе си ги сноси последиците. На новинарско прашање на какви последици мисли, Димовски кратко одговори „ќе видите во моментот“.

    Пратеникот и генерален секретар на СДСМ, Оливер Спасовски рече дека тие го штитат принципот дека претседателот на оваа комисија треба да биде од редовите на партиите кои имаат парламентарно мнозинство. Тој истакна дека се уште не е разговарано дали претседателот на овој комисија ќе биде од СДСМ или од ДУИ.

    На денешната координација беше договорен составот на Комисијата за избори и именување, каде ВМРО-ДПМНЕ ќе има 6 члена, СДСМ пет, а ДУИ и БЕСА по еден член.

    На координацијата треба да се предложи и претседател на новото Собрание, а потоа поранешниот собраниски спикер Вељаноски да закаже продолжување на конститутивната седница каде ќе биде избран претседател на Собранието од парламентарното мнозинство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира