Лицата со попреченост како и сите оние што не можат да се движат, а користат пелени и влошки, како ортопедско помагало на товар на Фондот за здравствено осигурување од 20-ти минатиот месец плаќаат повисока партиципација. Пациентите реагираат дека се изненадиле последниве недели што во аптеките пелените им ги наплаќаат поскапо, иако имаат уредно заверена потврда на која стои колкава е партиципацијата.
Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на седницата одржана на 30 ноември лани ја зголемил партиципацијата за пелени и влошки од 10 на 15 отсто.
„Осигурените лица, кои овие помагала ќе ги подигнат од 20.12.2018 година, учествуваат со 15 отсто од цената, независно од евидентираната партиципација на потврдата за ортопедското помагало“, стои во известувањето објавено на веб страната на ФЗОМ.
Според позитивната листа на ортопедски помагала објавена на веб страницата на ФЗОМ референтните цени на пелени за лица над 18 години се движат од 1080 денари до 1860 денари.
Директорот на ФЗОМ Даниел Дончев вели дека партиципацијата на пелените ја зголемиле, за да можат да ја ревидираат листата на ортопедски помагала. Здруженијата на пациенти со ретки болести и здруженијата на лица со попреченост веќе подолго време бараат оваа листа да се ревидира и да се исфрлат застарените помагала и на нивно место да се внесат други, особено такви со кои им се зголемува мобилноста на болните.
„Лани се издадени решенија за 113.010 ортопедски помагала на осигурениците, за кои беа планирани 460 милиони денари или 7,4 милиони евра, а исплатени се 551,2 9 милиони денари или околу 9 милиони евра. Најмногу се издавани следниве ортопедски помагала: пелени и влошки, задушни слушни апарати, ортози за р’бетен столб, ортопедски чевли, патерици, пасти, кеси и плочки за колостома. Лани се издадени решенија за 25 електромотони инвалидски колички и 2447 решенија за обични инвалидски колички“, велат од ФЗОМ.
Од ФЗОМ велат дека буџетот за ортопедски помагала за годинава е проектиран на околу 530 милиони денари, или околу 8,6 милиони евра.
„Формиран е сектор за ортопедски и специфични здравствени услуги, и се работи на доекипирање на секторот за да може да се направи ревизија на постоечката листа на ортопедски помагала на товар на Фондот во текот на на 2019 година“, велат од ФЗОМ.
Е. БОЧВАРОСКА