ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ СО КОИ ИМ СЕ ОЛЕСНУВА НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ДА ДОБИЈАТ ОРТОПЕДСКО ПОМАГАЛО ЗАГЛАВЕНИ ВО СОБРАНИЕ

    ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ СО КОИ ИМ СЕ ОЛЕСНУВА НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ДА ДОБИЈАТ ОРТОПЕДСКО ПОМАГАЛО ЗАГЛАВЕНИ ВО СОБРАНИЕПраво на електромоторна количка имаат само деца што одат во училиште. Вакво право нема ниту пак доколку лицето е над 26 години. Дали тоа значи дека по 26 година од животот до 65 година од животот на тоа лице не му е потребна електромоторна количка“, вели Деница Велковска, мајка на деветгодишниот Јане кој боледува од спинална мускулна атрофија. - (Фото: СДК.МК)

    Ревизија на листата на ортопедски помагала на товар на Фондот за здравствено осигурување и олеснување на критериумите за добивање на пофункционaлни помагала бараат здруженијата на пациенти со ретки болести и лицата со попреченост. Од здруженијата на пациенти велат дека во контактите со ФЗОМ и со Министерство за здравство им било ветено дека ќе се надминат слабостите со помагалата, но дека претходно треба да поминат измените на Законот за здравствено осигурување кој е во собраниска процедура.

    Тие велат дека во моментов на листата има многу застарени помагала, кои реално многу не им го олеснуваат животот на лицата со попреченост и ретки болести и дека доколку сакаат да користат помодерни и понови помагала, кои се подобри и за подобро одржување и помош на организмот, најчесто сами ги купуваат или ги добиваат од донации.

    Според нив освен ревизија на листата потребна е и промена на правилникот на ФЗОМ за користење на ортопедски помагала, бидејќи измените направени во февруари 2015 година правото на користење електромоторна количка го имаат лицата со траен инвалидитет на возраст од 7 до 26 години, како и лицата над 65 години.

    „Ова значи дека право на електромоторна количка имаат само деца што одат во училиште. Доколку детето е помало нема право да користи ваква количка, и ако не може само да се бутка цело време е зависен од некој да го движи. Вакво право нема ниту пак доколку лицето е над 26 години. Дали тоа значи дека по 26 година од животот до 65 година од животот на тоа лице не му е потребна електромоторна количка“, вели Деница Велковска, мајка на десетгодишниот Јане кој боледува од спинална мускулна атрофија.

    Според правилникот на ФЗОМ за издавање ортопедско помагала покрај конзилијарното мислење од клиниката каде се лекуваат пациентите потребен е преглед кај офталмолог, оториноларинголог и кај психијатар за да се види дали лицето може да управува со електромоторната количка во сообраќајот.

    Елена Кочоска од здружението на лица со телесен хендикеп „Полио плус“ вели дека ФЗОМ ги покрива стандардните електромоторни колички но само ако детето оди во училиште или ако одат на работа да покажат дека се вработени. Според неа тоа е дискриминирачки, бидејќи и останатите имаат право да можат слободно да се движат без туѓа помош.

    „Освен за количките проблем има и со другите помагала, како што се апаратите за слух и говор. Тие сега што ги добиваат пациентите се тешки за носење и при дожд или ветар кога се надвор не можат да ги носат. Вакви забелешки до Фондот упати и комитетот за права на лицата со хендикеп уште во септември“, вели Кочоска.

    Со измените на овој закон освен укинување на 14 комисии за ревидирање на позитивната листа на лекови предвидено е да се избрише и условот дека треба да има 6 месечно континуирано здравствено осигурување за да оствари право на ортопедско помагало, како и правото осигурениците да остварат право на натстандардно ортопедско помагало, а разликата во цената од стандардното кое е на товар на ФЗОМ да го доплатат сами.

    Измените на Законот за здравствено осигурување во Собранието се дадени во јуни, завршена е прво читање во комисијата за здравство и поминато е на седница на Парламент, и треба да помине на второ читање и во матичната комисија и на пленарна седница. Според календарот за работа на Собранието до крајот на годината засега нема закажано седница ниту на комисијата за здравство, ниту на седница на Собранието.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира