ПАРТНЕРСТВОТО СО КУПУВАЧИТЕ И СИЛНИОТ ТИМ СЕ НАШИТЕ НАЈГОЛЕМИ АДУТИ, ВЕЛИ ОГЊЕН ЛАЗИЌ, ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР НА ПИВАРА СКОПЈЕ

    ПАРТНЕРСТВОТО СО КУПУВАЧИТЕ И СИЛНИОТ ТИМ СЕ НАШИТЕ НАЈГОЛЕМИ АДУТИ, ВЕЛИ ОГЊЕН ЛАЗИЌ, ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР НА ПИВАРА СКОПЈЕНашата мисија и цел се јасни: да останеме вистински 24/7 партнер за пијалaци и прв избор на пазарот за сите генерации, вели Лазиќ. (Фото: Пивара Скопје)

    По повеќе од едно столетие континуирана работа, иновации и силно присуство во македонската економија, Пивара Скопје започнува ново поглавје во својот одржлив развој. На чело на компанијата неодамна дојде Огњен Лазиќ, менаџер со богато искуство во FMCG индустријата, познат по стратегиите за раст, маркетинг иновации и градење силни комерцијални партнерства. Лазиќ дојде во период кога Пивара Скопје дополнително ја зацврстува својата позиција на водечки производител на пијалаци и еден од најголемите работодавачи и инвеститори во земјата, со силно социо-економско влијание и јасна ориентација кон дигитализација, одржливост и развој на таленти.

    Во ова прво интервју по стапување на функцијата генерален директор на Пивара Скопје, Лазиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК зборува за својата визија, за тимот, за иднината на пазарот на пијалаци, за стратешките партнерства со купувачите и за големиот нов проект за поддршка на младите што ќе започне во 2026 година. Интервјуто што отвора јасна слика за насоката во која се движи еден од највлијателните корпоративни системи во земјава и лидер кој верува дека вистинскиот раст се гради заедно со луѓето, партнерите и заедницата.

    • Неодамна станавте генерален директор на Пивара Скопје. Што значи за вас да водите компанија со силна традиција, а да размислувате модерно? Кои беа вашите први приоритети?

    – Да се преземе водењето на Пивара Скопје значи да се преземе одговорност за компанија која не е само производител и дистрибутер на пијалаци, туку важен економски и општествен столб. Тоа носи голема чест, но и уште поголема одговорност, бидејќи влијанието што го има оваа компанија врз земјата е реално и мерливо. Водење компанија со силна традиција за мене значи да знаеш точно што не смее да се менува, а да имаш храброст за сè друго да го преиспиташ и подобриш. Традицијата не е товар, туку темел. Таа ни дава идентитет, кредибилитет и доверба што ја градиме со децении. Модерно размислување во овој контекст значи да бидеш близу до луѓето, да го слушаш тимот, да носиш одлуки врз основа на податоци и да не се плашиш од промени. Она што ме импресионираше и најмногу ме инспирираше од првиот ден во Пивара Скопје е силата на тимот, луѓе со големо знаење, искуство и страст кон работата. Моите први чекори беа насочени кон запознавање на луѓето, процесите и пазарот одвнатре. Верувам дека стратегија не се гради зад затворени врати, туку преку отворена комуникација со тимовите, партнерите и купувачите. Само така можеме да поставиме јасни приоритети и да дефинираме правец што ќе донесе стабилност и иновации. Иако компанијата има богата традиција, ние не живееме во минатото. Нашиот фокус е иднината, а таа ја градиме преку модерно лидерство, агилност и постојано слушање на купувачите и потрошувачите. Нашата мисија и цел се јасни: да останеме вистински 24/7 партнер за пијалaци и прв избор на пазарот за сите генерации.

    Нашиот фокус е иднината, а таа ја градиме преку модерно лидерство, агилност и постојано слушање на купувачите и потрошувачите, вели Лазиќ. (Фото: Пивара Скопје)

    • Доаѓате од областа на маркетингот и комерцијални функции во FMCG индустријата. Како влијае тоа врз стратегијата на Пивара, особено во односот кон купувачите и потрошувачите?

    Целата моја кариера ја градев на разбирање на потребите на купувачите, на градење силни партнерства и создавање заедничка вредност за потрошувачите. И токму тоа ќе биде суштината на моето понатамошно делување. Тоа е пристапот што сакам уште повеќе да го зајакнеме во Пивара Скопје. Нашето 24/7 портфолио веќе е најшироко на пазарот – пиво, газирани и негазирани сокови, вода, чаеви, енергетски и спортски пијалаци, премиум жестоки пијалаци и кафе. Цврсто веруваме дека е важно секој да може да го најде својот омилен пијалак, секој ден, во секој момент и на секое место. И тоа ни е целта: да одговориме на секоја прилика, секој момент и секој вкус на потрошувачите. Но денешниот FMCG свет бара многу повеќе од тоа. Брзина, персонализација, работа со податоци, дигитални платформи – тоа се новите правила на игра. Затоа инвестираме во планирање базирано на податоци (data-driven), дигитални алатки за купувачите и подобрени процеси што овозможуваат предвидливост и ефикасност. Верувам во систем што слуша, се прилагодува и гради долгорочни партнерства. Тоа е единствениот начин да останеме релевантни и лидери на пазарот.

    • Како успевате да ги задржите потрошувачите и да придобиете нови во услови на голема конкуренција?

    Нашиот успех не е случајност, туку резултат на патот што секој наш производ го минува од идеја до полица. Некогаш беше доволно да понудиш добар производ, ама денес потрошувачот бара многу повеќе, бара приказна, вредности и одговорност. Секое шише, секоја лименка носи приказна за тоа како се грижиме за луѓето, како управуваме со ресурсите и како придонесуваме за заедницата. Од идејата до моментот кога пијалакот стигнува во рацете на потрошувачот, секој чекор е доказ за нашата посветеност на квалитет и одржливост. Не е пресудно само што имате на полицата, важно е што стои зад тој производ. Начинот на кој градиме партнерства, како ја чуваме природата и како создаваме вредност за сите, сето тоа ја обликува перцепцијата за брендот. Нашата лидерска позиција покажува дека потрошувачите го препознаваат тој пат и ни враќаат со доверба. Тоа е најјасен знак дека правиме вистинска работа, не само за денес, туку и за иднината.

    • Велите дека тимот е најголемата сила на Пивара. Како планирате да ја унапредите мотивацијата и развојот на вработените?

    Пивара има уникатна компаниcка култура. Тука владее енергија, тимски дух и искрено чувство на припадност. Во Пивара нема „јас“, има само „ние“. И тоа е силата која ја прави компанијата посебна. Мојата филозофија е дека организацијата расте онолку колку што растат нејзините луѓе. Кога вработените ја разбираат големата слика и знаат зошто нивната работа е важна, мотивацијата природно се зголемува, резултатите се подобри и тимот функционира како единствен систем. Затоа во Пивара Скопје ќе продолжиме да инвестираме во напредни програми за развој на таленти, во менторство и cross-functional учење, во современа, дигитална и флексибилна работна средина и во нови можности за кариерен развој во рамки на Coca-Cola HBC и Heineken системите каде што припаѓа Пивара Скопје. Мојата цел е да создадам средина во која секој вработен се чувствува ценет, поддржан и мотивиран. Од тука почнува секоја одржлива стратегија.

    • Пивара Скопје често се наведува како пример за технолошка модернизација и дигитализација. Каде ќе се движи компанијата во следниот период?

    Пивара Скопје одамна го има направено стратешкиот пресврт кон дигитализација на сите процеси. Ние веќе работиме со интегрирани системи, автоматизирани линии за производство, современи алатки за продажба, технологии за препознавање слики во производство и магацин, онлајн платформи за купувачи и data-driven маркетинг решенија. Во следниот период фокусот ќе биде уште посилен на дигитални услуги за партнерите, уште поголема автоматизација во производството, напредни модели за планирање кои ја олеснуваат работата на тимот, користење на податоци за подобро и побрзо пазарно одлучување, подобрено искуство на потрошувачите, проширување на е-трговијата и 24/7 сервисот. Дигитализацијата не ја правиме за да бидеме модерни, туку за да бидеме уште подобри, побрзи, поефикасни, попрецизни и поблиску до купувачите и консументите. Тоа е нашиот пат напред и суштината на современото FMCG лидерство.

    • Партнерството со заедницата е длабоко вградено во корпоративната култура на Пивара. Како Вие ја гледате оваа улога и кои се следните чекори и големи општествено одговорни проекти?

    Пивара Скопје е компанија со силно социо-економско влијание. Директно и индиректно поддржуваме 8.700 работни места, соработуваме со над 1000 домашни добавувачи и 12.000 купувачи и во целиот синџир на вредности создаваме околу 1% од БДП на земјата. Тоа ја прави Пивара силен двигател на економијата, а нашиот успех е директно поврзан со успехот на заедницата. Во периодот што следува ќе ја засилиме нашата работа на три нивоа. Првото и најзначајно ниво е поддршката на младите. Со особена гордост можам да најавам дека во текот на 2026 година ќе стартуваме со нова голема општествена платформа насочена кон младите. Ова ќе биде наш најважен CSR-проект во следните години, програма која ќе отвора можности за развој, учење, менторство, професионални искуства и кариерен раст. Втората област во која и понатаму ќе бидат концентрирани нашите напори е заштитата на животната средина и одржливоста. ESG-принципите се дел од нашата ДНК и затоа и понатаму продолжуваме со инвестиции во енергетска ефикасност, заштитата на природните ресурси, воведување зелени технологии и добро управување. Третото ниво го сочинува нашата поддршка на бројни локални иницијативи во различни области, преку партнерствата со големи број организации, институции на локално и централно ниво, од бизнис секторот и академската заедница со кои имаме иста цел, а тоа е креирање на услови за долгорочен одржлив развој кој ќе биде во полза на луѓето, животната средина и заедницата во целина. Ние во Пивара Скопје цврсто веруваме дека вистински успешните компании се оние кои оставаат трага што оди подалеку од бизнисот. Нашата трага ќе биде во луѓето, во младите и во одржливата иднина што ја градиме заедно. Горди сме што неодамна потпишавме нов договор за спонзорство со Ракометната федерација на Македонија, партнерство кое трае веќе 45 години. Ова не е само спонзорство, туку доказ за нашата долгорочна посветеност на развојот на спортот и промоција на здрави животни навики во заедницата.

    • Каде ја гледате Пивара Скопје во иднина и која е Вашата лична визија како лидер?

    Ја гледам Пивара како компанија која ќе продолжи да го предводи пазарот, но и да го обликува. Како организација која расте одвнатре, преку она што ќе им го нуди на луѓето и тимот кои се нејзината движечка сила, како и надворешно, преку партнерствата со купувачите, потрошувачите и заедницата на која ѝ припаѓа. Ја гледам и како современ бренд-екосистем кој ги обединува најпосакуваните пијалаци во сите категории и кој создава незаборавни искуства за потрошувачите. Мојата лична визија е јасна: стабилна стратегија, иновации, агилност и силно лидерство. Верувам во храброста да се преземе чекор кога другите се двоумат, верувам во податоци, верувам во партнерства и најмногу верувам во тимот. Приказна на Пивара Скопје продолжува, а најубавото е што нашите најголеми достигнувања и успеси допрва доаѓаат.

    • На крај, која е вашата порака за потрошувачите, партнерите и јавноста, особено во пресрет на празниците?

    Оваа година за мене и за Пивара Скопје, успех значи многу повеќе од бројки и производи. Сакам потрошувачите да почувствуваат дека сме тука за да им ги разубавиме сите моменти, партнерите да видат сигурен и доверлив сојузник, а јавноста да ја препознае нашата посветеност на одржливо и одговорно работење и нашиот придонес за заедницата. Ќе продолжиме да инвестираме, да се развиваме, да создаваме вредност и да бидеме вашиот верен партнер на кој секогаш можете да сметате и да се потпрете. Нашите брендови отсекогаш биле дел од тие моменти и со задоволство ќе продолжат да носат чувство на среќа, поврзување и заедништво. На здравје за сите моменти што ги споделивме – и за оние што допрва доаѓаат!

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира