ПЕНДАРОВСКИ ОДЛИКУВАШЕ 13 ЛЕГЕНДИ НА МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА МУЗИКА

    ПЕНДАРОВСКИ ОДЛИКУВАШЕ 13 ЛЕГЕНДИ НА МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА МУЗИКАВиолета Томовска е меѓу одликуваните легенди на македонската народна музика. (Фото: К. Попов)

    Претседателот Стево Пендаровски денеска одликуваше со Медал за заслуги 13 легендарни музичари од областа на македонската народна музика. На свечената церемонија во Филхармонија, пред празникот на 11 Октомври, Денот на народното востание, претседателот ги одликуваше едни од најголемите македонски пејачки Анка Гиева и Виолета Томовска, и постхумно легендарните Пеце Атанасовски, Никола Бадев, Мирвет Беловска, Ајри Демировски, Васка Илиева, Вања Лазарова, Кирил Манчевски, Тале Огненовски, Кочо Петровски, Александар Сариевски и Јонче Христовски.

    Пендаровски рече дека овие музичари преку песната го изградија македонскиот идентитет, нивната музика беше широко прифатена од народот, а во светот го прочуја уникатниот седумосминскиот такт на македонската музика.

    „Овие уметници ги посветија своите животи на промовирање на народното творештво како суштински елемент на македонскиот идентитет. Преку нивниот неповторлив инструментален и вокален талент. Овие врвни народни уметници ја претставија нашата изворна музика пред македонската и светската јавност на маестрален начин“, рече претседателот Пендаровски.

    Пендаровски рече дека овие музичари преку песната го изградија македонскиот идентитет, нивната музика беше широко прифатена од народот, а во светот го прочуја седумосминскиот такт на македонската музика. (Фото: К. Попов)

    „Овие 30 години од независноста македонската држава им немаше изразено должна почит, иако нивните креации ја прославија македонската музика на сите меридијани“, рече Пендаровски на церемонијата.

    „Имаме многу причини да им бидеме благодарни на нашите легенди, но, денес, од нив, ќе издвојам само две. Прво, народното творештво е централната точка на македонскиот идентитет. Создавањето и пренесувањето на народните песни е најзначајниот колективен творечки подвиг на македонскиот народ во услови на окупација и пропаганди. Песните што им помагаа на нашите предци да ги издржат сите обиди за асимилација, станаа неотуѓив дел од нашиот идентитет. Како сведоштво за јазичниот, културниот и духовниот континуитет, песните паметат многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“, рече Пендаровски.

    Меѓу 13-те одликувани се и легендарните Александар Сариевски, Кочо Петровски, Анка Гиева и Пеце Атанасовски. (Фото: К. Попов)

    Одликувањето се доделува за нивниот најголем придонес во негувањето, популаризацијата и во зачувувањето на македонската народна и изворна песна, како и за промоција и за афирмација на македонското музичко творештво и на културата во интернационални рамки.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира