ПЕТМИНА УАПСЕНИ ЗА ШВЕРЦ НА МИГРАНТИ, ВО ГРУПАТА БИЛЕ ВКЛУЧЕНИ ПАКИСТАНЕЦ И СРБИН

    ПЕТМИНА УАПСЕНИ ЗА ШВЕРЦ НА МИГРАНТИ, ВО ГРУПАТА БИЛЕ ВКЛУЧЕНИ ПАКИСТАНЕЦ И СРБИНПолициска контрола на автопат за спречување шверц на мигранти (архивска фотографија)

    Пет лица од вкупно седуммина осомничени се уапсени денеска во полициска операција со кодно име „Кипер“ во врска со шверц на мигранти, соопшти Јавното обвинителство.

    Покрај апсењата, извршени биле претреси на пет локации на подрачјето на Штип, Злетово, Пробиштип и Велес, при што пронајдени и одземени се патничко моторно возило, прашкаста материја, вага и мобилни телефонски апарати кои што лицата ги користеле за извршување на кривичното дело.

    „Според обезбедените докази од предистражната постапка во текот на 2023 година и 2024 година првоосомничениот заедно со две лица – странски државјани и тоа едно идентификувано лице по потекло од Пакистан и Н.Н лице државјанин на Република Србија се здружиле и организирале меѓународна криминална група во Р.С.Македонија. Оваа група била дел од меѓународна криминална мрежа која заради стекнување имотна корист со однапред определени задачи извршувала кривични дела криумчарење на мигранти. Во временскиот период од месец септември 2023 година до месец јуни годинава осомничените организирале илегално пренесување на групи мигранти државјани од Сирија и други земји од блискиот и далечниот исток и земји од Африка – Ирак, Конго и Нигерија преку илегални премини на т.н. зелена граница. Првоосомничениот на организиран и претходно договорен и воспоставен начин на телефонска комуникација користејќи телефонски броеви од српски мобилни оператори и интернет комуникација, заедно со останатите двајца организатори на криминалната група го планирал и договарал бројот на мигрантите кои ќе бидат пренесени на територија на Р.С.Македонија, притоа договарајќи ги локациите каде ќе бидат пренесени, времето и местото – точната локација каде се наоѓале мигрантите подготвени за прифаќање и натамошно превезување кон кумановско -липковскиот регион. Со помош на водичи т.н. качаци, мигрантите координирано биле водени на претходно утврдени и договорени локации, од каде качаците им ја испраќале локацијата на организаторите. Првоосомничениот ги известувал останатите припадници на групата и им давал задачи за обезбедување на товарни возила и изработување на импровизирани бункери во нив за прифаќање и превезување на мигрантите, а на седмоосомничениот припадник на групата му давал задача да ги прими и подигне паричните средства исплатени за успешно извршеното криумчарење на мигрантите преку територијата на Р.С.Македонија. Откако илегалните мигранти биле превезени до претходно договорените локации, првоосомничениот во договор со организаторот Н.Н лице од Република Србија го организирал понатамошно прифаќање и криумчарење од Р.С. Македонија во Р.Србија“, се вели во соопштението на обвинителството за акцијата.

    Уапсените лица се осомничените за кривичните дела Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти и Криумчарење на мигранти.

    За петмината уапсени е побаран притвор, а едно лице веќе е во притвор за истото дело. Седмиот осомничен е во бегство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира