Планинарскиот дом на врвот на Водно има нов газда, па планинарите стравуваат дека ќе прерасне во кафеана и хотел, каде нема да им биде дозволено дружење како до сега. Лани во август, Планинарската федерација распишала тендер за избор на закупец, бидејќи истекол договорот со клубот „Бистра“ кој дотогаш управувал. На тендерот како најповолен понудувач бил избран клубот „Х2О“ кој конкурирал заедно со фирмата „Милениумски крст“.
Од планинарскиот клуб „Бистра“, кој досега управуваше со домот, велат дека со овој чин на Планинарската федерација ќе се уништи последниот ваков објект во Скопје и во државата.
„Сите планинарски домови или се уништени или дадени на приватни лица и претворени во кафеани. Планинарската федерација по секоја цена сакаше да го земе домот од нас, за да може да го стори истото и со него. Ние со него управуваме од 1964 година и секогаш бил во служба на планинарите, а не за остварување на профит. Луѓето и планинарите доаѓаа и го користеа без да мораат да купуваат било што или да плаќаат. Си носеа храна од дома и се дружеа. Сега новиот газда вели ќе вложел 45.000 евра за две години, тоа значи ќе го направи ресторан и ќе може да влезе во него само оној кој има пари да плати. Се најавува дека и собите кои ги има горе ќе бидат реновирани, што значи ќе се изнајмуваат. Ние за целата тендерска постапка за избор на нов закупец поднесовме тужба пред Вишиот управен суд, кој нè одби велејќи дека е ненадлежен. Поради тоа, се обративме до Народниот правобранител и нова тужба поднесовме до Вишиот управен суд. Но и покрај нашата жалба, во вторникот бравата на домот беше искршена и него го преземаат од клубот Х2О“, вели Коле Мајнов, претседател на планинарскиот клуб „Бистра“.
Од Планинарската федерација на Македонија обвинувањата од клубот „Бистра“ ги оценуваат како лага и велат ‘кој губи има право да се лути‘. Живко Темелковски, член на Федерацијата, вели дека нема ништо спорно во постапката за избор на нов газда на планинарскиот дом, кој за два месеца ќе добие нов лик, а планинарите ќе имаат многу подобри услови.
„Секој кој што ќе конкурира на тендерот мора да има регистрирано и правно лице или да склучи договор со некого, оти инаку како ќе врши дејност. И клубот ‘Бистра‘ досега имаше правно лице ‘Врв на Водно‘ за да може да продава пијалоци. Домот секако дека ќе остане за планинарите, но со многу подобри услови од оние сега. Ништо не е вложено со години таму од досегашните закупци. Новите закупци се обврзаа да инвестираат 45.000 евра за две години, што значи ќе се обноват гардеробите и сите простории. Нормално, штом се решиле да вложат пари ќе треба да има начин и да ги вратат тие пари и да заработат. Срамота е досега што се правеше, одредени луѓе по цел ден седеа во домот, а си носеа јадење и пиење од дома, па на луѓето од домот им викаа ај донеси ми еден нож, две чинии, сме заборавиле од дома. И после некој миеше и чистеше по нив, а другите планинари немаа кај да седнат“, вели Темелковски.
На нашето прашање дали тоа значи дека сега планинарите и граѓаните ќе мораат да нарачаат пијалок или храна за да седат во домот, Темелковски ни одговори „па вие кога влегувате во кафуле или ресторан нарачувате нешто или така седите. Нормално е да се нарача барем едно чајче“.
А. АНТЕВСКА