Со планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион, се дефинира строга заштитна зона во крајбрежјето околу која не смее да се гради, а сѐ што досега е направено во неа ќе се стави под контрола, вели Ана Петрова, државен секретар во Министерството за животна средина.
„Планот е многу важен дел од препораките од центарот на УНЕСКО. Кога ќе се донесе може да заврши прогласениот мораториум. Голем е предизвикот со одредбите на планот да воспоставиме контролирана урбанизација. Тоа го правиме со соодветно зонирање и тоа прва строга заштитна зона во крајбрежјето со ширина од 50 метри сметано од границата на катастарска парцела еден на еден, односно Охридско Езеро. Оваа зона овозможува се она што е недопрено да не смее да се гради, и сѐ што има направено трансформација ќе се стави под контрола“, рече Петрова во изјава за медиумите по денешниот брифинг.
Планот од утре ќе биде објавен на веб страниците на Министерството за животна средина, Министерството за култура, на интернет страниците на општините. Министерот без ресор и за дијаспора Едмонд Адеми рече дека во наредните шеесет дена ќе може да се оставаат забелешки и коментари, а на почетокот на ноември ќе има две јавни дебати. Тој рече дека регистрите за дивоградби во Охрид и Дебрца се веќе готови, а до крајот на месецот ги очекуваат и од Струга.
„Кои од веќе изградените објекти во оваа строго-заштитна зона ќе останат ќе зависи од студијата за оцена на културното наследство и животната средина што ќе ја прави Министерството за транспорт и врски врз основа на регистрите за бесправно изградени објекти. Со планот е предвидено да има заштитни зони во Охрид и Струга, заштита на строгите споменички целини, јадрата во Охрид и во Струга. Ќе има втора и трета зона каде се ограничува процентот на изграденост и катноста, за да не влијае на промена на амбиенталните вредности. Крајбрежјето ќе се решава со интегрален урбанистички план, со кој ќе бидат усогласени постојните урбанистички планови, каде се предвидени повисоки катности, како со Законот за урбанистичко планирање кој е во собраниска процедура“, рече Петрова.